Directions

Појадок од детството – вкус што грее и тело и душа
Ова е појадок од моето детство, од зимските распусти кога бев гостинка кај моите баби. Времиња кога во кујната немаше путер, маргарин, паштети и модерни намази, а свинската маст со малку црвена пиперка беше и храна и лек во исто време.
Домашно подготвената свинска маст, прочистена во девет води, одамна е позната во народната традиција како корисна за здравјето.
Особено во зимските денови, се користела како помош при проблеми со синуси, бронхитис и кашлица – едноставно, природно и достапно.
Додека го пишувам овој рецепт, со насмевка се присетувам на мојата драга Ангелина Маркус. Еднаш, кога ми беше гостинка и подготвувавме јадење со свинска маст, на крајот ја ставив под врела вода – маста веднаш се растопи.

„Гледаш ли колку брзо се раствора со топла вода?“ ми рече таа.
„А путерот – колку време му треба и колку потешко се раствора.“
Потоа додаде со насмевка:
„Исто е и со нашите крвни садови. Свинската маст е полесна за организмот.“
Така Ангелина знаеше да подучи – тивко, животно и со искуство од речиси деведесет години. А јас, ете, се радувам секогаш кога пишувам и се навраќам на тие спомени.
Состојки
- 4 парчиња багет
- 100 г домашна свинска маст
- 2 лажички црвена пиперка (за поросување)
- 50 г чварки
- сол по вкус
Подготовка
Премачкајте ги парчињата багет со тенок слој свинска маст. Потпечете ги во тава на умерен оган додека лесно не заруменат. Поросете со црвена пиперка, додајте неколку чварки за крцкавост, малку сол по вкус и уживајте во овој едноставен, топол и искрен вкус од минатото.











