Directions

Традиционално, лесно и здраво предјадење
Ова предјадење може да се сервира како брускета или како ладно традиционално макало со благо пикантен вкус. Комбинацијата од бунгур (кршена пченица) и кисело млеко е освежителна, лесна и многу здрава.
Со додавање на свежо рендан рен, јадењето добива уште поголема нутритивна вредност и позитивно влијае на циркулацијата и апсорпцијата на хранливите состојки.
Киселото млеко со бунгур е традиционален рецепт кој се подготвува брзо и едноставно. Без разлика дали ќе го подготвите со или без рен, сигурна сум дека ако еднаш го пробате — ќе стане дел од вашата редовна исхрана.
Особено е пријатно и освежително во летните месеци, а слободно можете да го вклучите во план за здрав начин на исхрана и баланс на телесната тежина.
По желба, при подготовка може да користите и кисела павлака за поголема густина, или комбинација од кисело млеко и павлака во сооднос по ваш избор. Одлична алтернатива е и грчки јогурт.
Состојки
- 500 мл кисело млеко
- 200 г варен бунгур
- 2 см свеж рен
- Свежо нане, по вкус
- 1 багет (или лепче по избор)
Подготовка
- Сварете го бунгурот и оставете го целосно да се излади.
- Додадете го во киселото млеко и промешајте.
- Изрендајте свеж рен, ситно исечкајте го нането и соединете ги сите состојки.
- Исечете го багетот или лепчето, лесно тостирајте и одозгора нанесете од смесата.
Сервирање
Сервирајте со една лажица бунгур во средината, малку рендан рен и неколку ливчиња нане.
Ова вкусно јадење може да се консумира и како лесна вечера без лепче.
Имајте добар апетит!








