Directions
Мека, богата и ароматична
Оваа штрудла со афион и ореви во купечка верзија е мека, богата и прекрасно ароматична, токму како класичните штрудли од традиционалните пекарници.
Тестото е збогатено со путер, јајца и кора од цитрус, што му дава нежна, бриош-текстура. Кремастиот фил од афион, ореви, млеко и ванила создава совршен баланс на сладост и длабочина на вкусот. Внимателно завиткана и печена до златна боја, штрудлата останува сочна и мека внатре.
Идеална за посебни прилики или пријатни попладневи, оваа рецептура нуди домашна удобност со професионален изглед.
Состојки за тесто
- 600 г бело брашно (тип 400)
- 260 мл млако млеко
- 7 г сув квасец или 20 г свеж
- 4 лажички шеќер
- 1 лажиче сол
- 2 јајца
- 100 г путер (омекнат)
- Кора од 1 лимон
- Кора од 1 портокал
- По желба: 1 кесичка ванилин шеќер за арома

Состојки за фил
- 100 г мелен афион
- 100 г мелени ореви
- 200 мл млеко
- 70 г шеќер
- 1 лажица мед (по желба)
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 20 г путер
- По желба: суво грозје натопено во рум
Подготовка на тесто
- Во млако млеко додадете 1 лажичка шеќер и квасецот. Оставете 10 минути да се активира.
- Во голем сад измешајте го брашното, преостанатиот шеќер, сол, кора од лимон и портокал.
- Додадете ги јајцата во активираниот квасец, започнете со мешање, па постепено додавајте ја мешавината со брашно.
- На крајот, додадете го омекнатиот путер во неколку наврати, и месете додека тестото да стане меко, сјајно и еластично (месете 10–15 минути). Најдобро е да користите миксер.
- Покријте го и оставете да стасува 1–1,5 час на топло место.
Подготовка на фил
- Загрејте го млекото со шеќерот до 60 степени, не треба да зоврие.
- Додајте го мелениот афион, покријте и оставете 10 минути за афионот да ги испушти маслата и добие убава арома.
- Додајте ореви, путер, мед и ванилин шеќер. Добро измешајте и оставете да се излади.
- По желба додајте суво грозје.
Формирање и печење
- Нараснатото тесто развлечете го во правоаголник околу 4-5 мм дебелина.
- Распределете го филот рамномерно.
- Завиткајте во ролат како плико од страните и формирајте ролат, па поставете во плех со хартија за печење.
- Покријте и оставете повторно да стасува 30 минути.
- Со чепкалка направете дупчиња длабоко во тестото за да може да дише при пречење. Премачкајте со мешавина од една жолчка, 1 лажиче млеко и 1 лажиче растопен путер.
- Печете на 180°C околу 20–25 минути, па намалете на 170 степени и печете додека порумени убаво ( или вкупно 35-40 минути)
- Кога ќе се излади, поросете шеќер во прав.
Совет за уште помек резултат
Откако ќе го испечете, завиткајте го во чиста кујнска крпа 10–15 минути – така ќе ја задржи влагата и ќе биде како бриош. За полесно ракување тестото може да го поделете на два дела и да подготвите две помали штрудли. По желба може да направите засеци пред печење.








