Directions

(Лесна, мирисна и совршена со шолја кафе)
Ако сте љубители на филови збогатени со кафе, тогаш оваа торта со богат вкус на ореви сигурно ќе ви се допадне.
Мекото пандишпан тесто и буквално свиленкастиот крем со вкус на кафе создаваат неодоливо слатко уживање, совршено со шолја кафе по ручек.
Тортата се подготвува лесно и брзо, со состојки кои најчесто ги имаме дома, што ја прави чест гостин на мојата трпеза и одличен избор за неочекувани гости.
Една од причините зошто особено ја сакам оваа торта, покрај вкусот, е тоа што може да се замрзне. Може да се сечат парчиња по потреба и да се сервира како ладен десерт — ровкото тесто брзо се одмрзнува, а ладна е навистина вкусна.
Состојки за тесто
- 4 јајца
- 70 мл полномасно млеко
- 50 мл сончогледово масло
- 120 г брашно
- 20 г кафе
- 1 лажица ванила екстракт
- 10 г пециво
- 130 г шеќер
- Прстофат сол
- 50 г сецкани ореви (по желба, може и мелени)
Подготовка на тестото
- Одделете ги белките од жолчките и во белките додајте прстофат сол.
- Матете кратко, па постепено додавајте го шеќерот во три наврати, додека да добиете убав волумен.
- Додавајте ги жолчките една по една и матете до изедначување.
- Додајте го млекото, маслото и ванила екстрактот.
- Во брашното додајте го пецивото и кафето, просејте и додајте ги во смесата.
- На крај, по желба, додајте сецкани ореви и нежно измешајте со шпатула.

Тавата (26 см) премачкајте ја со масло и набрашнете ја или обложете ја со хартија за печење. Истурете ја смесата и печете на 170°C околу 25 минути.
Проверете со чепкалка дали тестото е испечено и оставете го да се излади додека го подготвувате кремот.
Состојки за крем од кафе
- 2 жолчки
- 90 г шеќер
- 60 мл сварено инстант кафе (изладено)
- 1 лажичка нишесте
- 80 г путер (на собна температура)
- 1 лажица ванила екстракт
- 100 г сецкани ореви за декорација

Подготовка на кремот
- Жолчките изматете ги кратко со шеќерот.
- Додајте 2 лажици од кафето, па нишестето и остатокот од кафето.
- Смесата матете ја на пареа околу 5 минути, па тргнете ја да се олади.
- Путерот изматете го пенесто, па постепено додавајте го оладениот крем од кафе.
- Матете додека да добиете свилен, мазен крем со богат мирис на кафе.
Премачкајте ја тортата со кремот и посипете со сецкани ореви.
Имајте добар апетит! 







