Directions
Колачињата во форма на осмица се повеќе од само убав празничен предвесник – тие носат симболика и магија.
Осмицата, како симбол на бесконечност, нè потсетува на вечната љубов и светлината која доаѓа во нашите домови во време на Бадник.
Во деновите кога го славиме раѓањето на Исус, секое семејство ја чувствува топлината на заедништвото, радоста на дарувањето и светлината која ја носи надежта.
Формата на осмицата е прекрасен начин да се поврзе таа бескрајна светлина со вкусот и мирисот на домашните колачиња, создавајќи моменти кои ќе останат во сеќавањето на сите околу празничната трпеза.
Од обични колачиња, преку внимателна декорација и љубов, ги претворив во малечки дела кои можат да инспирираат и да заземат посебно место на вашата празнична трпеза.
___________________________________________________________________
Состојки за тесто (за 10 колачиња)
- Брашно: 300 грама
- Вода: 150 мл (млака)
- Свеж квасец: 5 грама (или 2 грама сув квасец)
- Сол: 1/2 лажичка
- Масло: 20–25 г (сончогледово)
За декорација
- Афион
- Лен
- Сусам
- Црн сусам
- Сончоглед
- Свежа мајчина душичка
- Свеж розмарин
______________________________________________________________
- Подготовка на тестото
- Растворете го квасецот во малку млака вода и оставете 5 минути да се активира.
- Измешајте брашно и сол во поголема чинија, па додадете ја водата со квасецот. Месете додека тестото не стане меко и мазно.
- Додадете го сончогледовото масло и месете уште кратко.
- Оставете го тестото да стаса
- Покријте го со крпа и оставете го на топло место околу 45 минути, додека го дуплира обемот (ќе добиете околу 450 грама тесто).

- Формирање на осмици
-
- Разделете го тестото на 10 еднакви парчиња (по околу 45 грама).
- Секое парче расукајте го во тенка врвка и спојте ги краевите за да формирате облик на осмица. Покријте ги со фолија за да стасаат двојно.
-
Декорација
Премачкајте ги колачињата со малку вода и посипете ги со афион, лен, сусам, црн сусам и сончоглед.
Додадете свежи гранчиња мајчина душичка и розмарин за уште поубав празничен изглед откако ќе ги испечете.
Печење
Загрејте ја рерната на 180°C и печете 15–18 минути, додека колачињата не добијат златна боја.
✨ Овие колачиња се совршени за Бадник – носат светлина, симболика и вкус кој го разбудува духот на празникот. Секое колаче е мал знак на бескрајната љубов и врската помеѓу семејството и пријателите.








