Directions

Киноа – супер храна за секојдневна здрава исхрана
Киноата е исклучително хранлива намирница, природно без глутен и богата со протеини, цинк, растителни влакна, антиоксиданси, како и бројни витамини и минерали. Таа навистина изобилува со бенефити за вашето здравје и претставува одличен избор за балансирана и здрава исхрана.
Една од најголемите предности на киноата е нејзината разновидност – од неа може да подготвувате и слатки и солени јадења. Се подготвува брзо, за околу 15 минути, а откако ќе се свари може да се чува во фрижидер и да ви биде секогаш при рака како брз оброк или практичен оброк за носење на работа или во училиште.
Постојат неколку сорти на киноа: бела, црвена, црна, како и мешавина од сите три. Доколку досега не сте ја користеле, препорачливо е да започнете со бела киноа, бидејќи има најнежен и најнеутрален вкус.
Важно е да знаете дека киноата природно содржи сапонини, танини и фитинска киселина, па затоа задолжително треба темелно да се измие пред употреба. Доколку не се измие добро, може да предизвика непријатности во желудникот и да ја намали апсорпцијата на магнезиум и железо.
Основна подготовка на киноа (совршено зрно)
Постојат различни начини и соодноси за подготовка на киноата, но основната варијанта се подготвува само со киноа и вода. Соодносот кој секогаш ми дава одличен резултат – зрно што е убаво сварено, но не кашесто – е 1 : 2.
Состојки
- 1 шоља киноа
- 2 шољи вода
- 1 лажица масло
- Прстофат сол
Подготовка
Киноата измијте ја темелно во ладна вода, во повеќе води, сè додека водата не стане целосно бистра. Вака измиената киноа е подготвена за варење.
Во тенџере на среден оган додадете една лажица масло, па ставете ја исцедената киноа. Мешајте додека целосно да испари преостанатата течност. Продолжете да мешате уште околу половина минута, сè додека не го слушнете лесното „пукање“ на зрната.
Потоа прелијте ја киноата со водата, додајте прстофат сол и оставете да зоврие на силен оган. Штом ќе зоврие, намалете ја температурата и варете покриено околу 5 минути. Исклучете го шпоретот и оставете ја киноата покриена да одмори 10–15 минути. На овој начин таа ќе ја впие целата течност, а зрната ќе останат цели и воздушни, без кашеста текстура.
Сварената киноа може да ја чувате во фрижидер и да ја користите како основа за различни оброци.
Идеја за брз оброк
Ви предлагам лесна и брза салата од киноа со рукола, домати и сирење по избор. Линкот до рецептот може да го најдете на страната.
Имајте добар апетит! 








