Directions

(Здрав, хранлив и лесен оброк или прилог)
Печен сладок компир во лушпа ги задржува сите хранливи состојки и е вкусен деликатес кој се подготвува многу лесно, без многу труд. Крајниот резултат е здрав и заситувачки оброк.
Меката внатрешност со путереста текстура може да ја дегустирате со лажица – кога е добро испечен буквално се топи одвнатре. Со малку путер се добива подлабок и побогат вкус, а свежата мајчина душичка, малку сол и црн бибер ги заокружуваат ароматите.
За 2 порции
- 2 слатки компири
- 2 мали коцки путер
- Прстофат сол
- Бибер по вкус
- Свежи листови мајчина душичка
Подготовка
- Измијте ги компирите и избришете ги да бидат суви.
- Со вилушка направете дупки на неколку места по површината. Ова спречува компирите да се распукаат или експлодираат при печење.
- Намачкајте ги компирите со малку маслиново масло и ставете ги на печење врз хартија за печење.
- Печете на 180°C околу 50 минути до 1 час, додека да омекнат.
- Послужете ги на чинија, направете засек на средината и додадете по мала коцка путер додека се уште се топли. Поросете со малку црн бибер, сол и декорирајте со свежа мајчина душичка.
Путерот ќе се растопи и ќе ја направи внатрешноста уште повкусна и кремаста.
Здравствени придобивки
Сладкиот компир е хранлив корен со сладок вкус, богат со:
- Бета каротен – телото го претвора во витамин А
- Витамин А, Витамин C, Манган, Калиум
- Минерали, јаглехидрати, влакна
Една од предностите е регулирање на шеќерот во крвта, а калиумот помага за регулирање на крвниот притисок и намалување на ризик од срцеви заболувања. 100 г дневно обезбедува препорачана дневна доза на витамин А.
Се комбинира со овошје и зеленчук за здрави, заситувачки оброци кои истовремено се лесни за варење и го забрзуваат метаболизмот.
Имајте добар апетит!








