Directions

Млечниот леб има деликатна, мека структура и суптилно благ вкус кој се издвојува од сите останати лебови. Толку е воздушен што буквално се топи во уста, а токму затоа е еден од омилените избори за децата. Совршен е за тостови и сендвичи, а најубаво доаѓа во комбинација со путер и џем.
Главната разлика од традиционалните лебови е течноста – тука се користи исклучиво млеко наместо вода. Дополнително, во тестото може да се додаде јајце, што му дава побогат и пофино заокружен вкус.
За подготовката на млечниот леб не е потребно долго месење. Тестото само се обликува пред првото нараснување, а печењето се прави на умерена температура од 170°C, што му овозможува да остане мек и нежно златен.
Состојки 
- 390 г сенаменско брашно
- 255 мл млако млеко (~40°C)
- 7 г сув квасец (1 пакетче)
- 15 г омекнат путер (1 лажица)
- 1 јајце (средна големина)
- 25 г шеќер
- 8 г сол (1 лажица)

Подготовка 
- Во еден сад измешајте го брашното со солта.
- Во друг сад ставете млако млеко и шеќер, измешајте да се растопи, па додадете изматено јајце и сув квасец. Оставете 5 минути за активација – добар квасец ќе создаде меурчиња.
- Додадете го омекнатиот путер и соединете ги сите состојки со брашното. Измешајте грубо со дрвена лажица, покријте со фолија и оставете да стаса на топло (~25°C) 1 час.
- Извадете го тестото на набрашнета површина, обликувајте во топка, премачкајте со малку масло и оставете да одмори 10 минути.
- Без дополнително брашно, обликувајте го во долгнавеста форма и ставете го во премачкан калап. Покријте и оставете да се зголеми двојно (30–45 минути).
- Пред печење, просејте малку брашно одозгора. Печете на 170°C околу 30 минути.
- По печењето, извадете од калап и покријте со крпа за да остане мек.

Време од брашно до готов леб: околу 2 часа, со едно обликување и две стасувања.
Резултат: совршено мек, ароматичен и нежен леб што ќе ве освои уште од првиот залак.







