Directions
Модрата слива е супер овошка за здравје и енергија, природен лек, и висококвалитетна храна која изобилува со минерали и витамини.
Дали знаевте дека сувата слива е далеку пред сувите смокви, урми, грозје и кајсии, заради силната антиоксидатна моќ, па ако ги консумирате наутро може да имате попродуктивно и поенергично утро.
Инспирирана од чоколадни бомбони кои ги добив на подарок од Украина решив да споделам една здрава закуска од оваа здрава овошка со крцкава внатрешност, прелиена со црна чоколада.
Се што ви е потребно е едно пакување суви модри сливи без семка, половинки ореви колку што имате модри сливи на располагање и една црна чоколада.
Модрата слива е потребна да биде свежа и доволно сочна за да им даде на овие закуски вкус кој потсетува на вишна или цреша одвнатре.
Состојки
15 суви модри сливи (едно пакување)
15 ореви (половинки)
100 грама црна чоколада
Подготовка
Засечете ги модрите сливи од едната страна и отворете ги. Така ќе добиете поголема површина за да може убаво да го завиткате оревот. Доволна е половинка од еден орев за внатрешноста на секоја модра слива. Користете свежи сливи и ореви за убав вкус.
Откако ќе ги затворите, обликувате модрите сливи, растопете ја црната чоколада на пареа. Кога растопувате чоколада внимавајте да не ви влегува вода во неа.
Тргнете од оган и секоја сува слива извалкајте ја од сите страни.
Може да користите две мали лажици за полесно да го отсраните вишокот чоколадо.
Потоа секоја бомбона ставете ја на хартија за печење.
Оставете ги потопените бомбони 10 минути одделени едни од други во фрижидер и спремни се за дегустација. Секоја закуска може да ја сервирате и во мали хартиени корпи и по потреба да дегустирате.
Имајте добар апетит и уживајте во овој здрав крцкав десерт!