Directions
Домашен рецепт за мајонез со посебен вкус кој откако почнав да го подготвувам не сакам да го менувам. Во разговор со драга пријателка сопственичка на сендвичара ми откри тајна како го подготвуваат мајонезот за уникатен вкус на компирчињата и сендвичите. Дополнително вкусот и мирисот се развиваат а со тоа и мајонезот добива посебен шмек.Подготовката на домашниот мајонез има повеќе предности бидејки не содржи адитиви и сите состојки се свежи и по квалитет и вкус кој сами ќе ги одберете.
Какви Масла да користите
За да добиете светла боја на мајонезот најдобро е да користите неутрални светли масла со полесен мирис и вкус како сончогледово или масло од семки од грозје. Може да користите и маслиново масло по избор што ќе му даде побогат и подлабок вкус.
Лимон или оцет
Освен уникатниот вкус кој му го даваат на мајонезот, тие помагаат да се стабилизира миксот од состојки. Малку сок од свеж лимон ја осветлува бојата на јајцето а со тоа го прави мајонезот со посветла боја. При подготовка на домашен мајонез најчесто додавам бел оцет и вкусот кој го добивам на крајот многу потсетува на купечкиот мајонез витанез.
Сенф
Освен што му дава автентичен мирис и вкус на мајонезот тој е магична состојка кој заедно со јајцето помагаат да се згусне мајонезот и да остане стабилен без да ја менува текстурата со денови.

Јајца
Овој рецепт се подготвува од цели свежи јајца кои најдобро е да ги чувате во фрижидер пред подготовка, или кога купувате јајца од маркет за да бидете безбедни најдобро е да купите јајца кои се чуваат во фрижидер а со тоа да избегнете ризик од салмонела. Од моето искуство често ми се случувало да подготвувам мајонез на два начини, со ладни јајца директно од фрижидер, но и со јајца на собна температура, и притоа и на двата начини да нема никаков проблем во текстурата.
Состојки
1 цело јајце
200 мл масло
1 1/2 лажичка сенф
1 1/2 супена лажичка бел оцет
1/2 супена лажичка сол
прстофат кари
Во тесен подлабок сад додадете ги јајцето, сенфот, оцетот и солта. За подготовка на мајонезот секогаш користам рачен блендер. Измешајте ги состојките неколку секунди со блендерот додека се соединат и веднаш додадете малку масло. Блендирајте кратко десетина секунди и повторно додајте масло. Маслото додавајте го на неколку пати, постепено, за да добиете убава текстура.
На крајот пробајте го вкусот на мајонезот и додадете прстофат кари.
Може да го додавате во пилешки салати, мајонез салата, салата со јајца и слично.
Имајте добар апетит!








