Directions
Слатко од рендана дуња со ореви по рецепт на мајка ми, со прекрасна светло-златна боја и цитрусен мирис на слаткарче.
Секогаш при подготовка на ова слатко на крајот во секоја тегла додавам по еден лист од здравата билка – слаткарче, или со латинско име пеларгониум одоратисимум. Оваа есенцијална билка и цвет има силен мирис и го зајакнува имунитетот кога ја вдишуваме.
Не е задолжително, но ако можете да најдете или ако ја имате билката дома, тоа ќе го комплетира вкусот на слаткото.
Доколку додадете и сецкани ореви на четвртинки, тоа дополнително ќе го збогати вкусот на слаткото и ќе имате златни резерви за престојната зима.
На што да внимавате за да добиете убава златна боја и како успешно да го подготвите сирупот за да добиете убава густина на слаткото, следете ја подготовката и нема да погрешите.
Нијансата на бојата на слаткото зависи од дуњите, а за да имате посилен мирис ви препорачувам да ги користете оние дуњи со влакненца на површина, тие се подобри од мазните. Кога ги одбирате дуњите нека бидат здрави и без дамки. Бојата на слаткото може да варира од светло-златна боја до црвенкаста во зависност од дуњата. Ако полесно се ренда и не е многу тврда тогаш ќе добиете слатко со црвенкаста нијанса.
Состојки
1 кг дуња
1200 грама шеќер во зрно
100 грама ореви
1 лимон (свежо цеден сок)
500 мл вода (ладна)
листови слаткарче
Подготовка
Внимателно излупете и исчистете ги дуњите. Откако ќе ги изрендате додавајте им сок од лимон за да спречите дуњата да потемни. Бидејки многу брзо ја менуваат нивната боја најдобро е ако подготвите свеж сок од лимон претходно.
Подгответе сируп од 1200 грама шеќер и 2 чаши ладна вода од 250 мл. Оставете да зоврие и варете 8 минути на тивок среден оган. Проверете го вашиот сируп дали е подготвен со дрвена лажица. Еве еден совет. Кога капките од сируп побавно ќе паѓаат од лажицата, тоа значи дека сирупот е подготвен. Во сирупот додадете ги ренданите дуњи и варете на тивок среден оган 30 минути.
Постојано мешајте. Извадете ја пената од површината додека се готви. Кога ќе се згусне и добие убава боја додадете ги оревите, измешајте и тргнете од оган.
Оставете да се излади целосно и префрлете го во чисти тегли.
Додадете две ливчиња слаткарче во секоја тегла.
Уживајте во ова вкусно слатко во зима!