Directions
Италијанска тестенина подготвена дома дури и ако сте почетници во кујната?
Да, лесно може да ја подготвите оваа ресторантска порција како професионалец без било какво искуство и тоа за две минути, само од две состојки.
После многу испробани рецепти за оваа италијанска паста, дојдов до најлесната подготовка која директно се сервира и која ќе ги воодушеви вашите гости и по начинот на подготовка и по начинот на презентација.
Се што ви е потребно е квалитетен путер и квалитетно сирење пармезан, а на крајот по желба може да додадете црн бибер.
За две порции
Италијанска паста Fettuccine
60 грама путер
6 полни лажици рендан пармезан
вода по потреба (во која се варат тестенините)
Во врела вода со морска сол ставете ја тестенината да се вари. Ако имате свежа паста потребна е една минута за да биде алденте, ако ја купувате готова паста, најчесто на пакувањето има упатство колку време е потребно да ја варите зависно од составот од што е направена, дурум пченица, со јајца или без јајца.
Додека се вари пастата подгответе две чинии за сервирање.
Изрендајте шест лажици пармезан сирење, притоа најдобро е да користите квалитетно и цело парче пармезан наместо да купувате рендан, бидејќи има многу разлика во квалитетот и крајниот резултат кој ќе го добиете како вкус.
Во поголема чинија подгответе ја пастата, така што, на средината ќе го додадете парчето путер од 60 грама. Путерот треба да биде ладен, директно од фрижидер.
Врз путерот распоредете ја сварената тестенина, притоа зачувајте дел од водата во која се вареа тестенините за додавање по потреба на крајот.
На крајот додадете од ренданиот пармезан и со вилушка и лажица започнете со мешање на состојките, се додека да се изедначат убаво, потоа додадете од топлата вода во која се вареше тестенината. Потребни се околу 7 до 10 лажици вода за две порции и во зависност од тоа каква тестенина користите.
Но како сами да одредите колку вода треба да додадете?
Ако тестенината е густа и леплива, тогаш додадете уште две до три лажици вода, или се додека да биде свилена и да испушта звук кога ја мешате. Најдобро е вода да додавате постепено по една до две лажици за да имате контрола.
На крајот поросете со црн бибер и уживајте во вкусот! По желба може да додадете и малку лукче!
Оваа порција може да биде многу впечатлива и да изгледате како вистински готвач дома додека им ја спремате на гостите, а во исто време и да се забавувате.
Имајте добар апетит и ве охрабрувам да експериментирате до подобари рецепти секогаш!