Directions

Печени круши со свежа бурата
Десертно овошје чиј вкус достигнува вистинска извонредност во комбинација со свежо сирење – бурата. Ова е изненадувачки, но совршено балансиран спој на вкусови што се надополнуваат и создаваат елегантен десерт, кој кај гостите остава впечаток дека зад него стои вистински професионалец во кујната.
Овој десерт е едноставен за подготовка, се служи ладен и, покрај тоа што е исклучително вкусен, претставува и здрава опција.
За најдобар резултат, препорачувам да користите тврда сорта круши, како Санта Марија, бидејќи се помалку сочни и ја задржуваат формата при печење, без да испуштат премногу сок.
Состојки (за 2 десерти)
- 2 круши (Санта Марија)
- 1 мала свежа бурата
- 30 г путер (исечкан на коцки)
- 2 лажици шеќер (или кафеав шеќер)
- 2 лажици мед
За декорација:
- 50 г сецкани ореви
- 50 г сецкана сува брусница
- Свежи ливчиња нане

Начин на подготовка
Крушите исечете ги хоризонтално на три парчиња со дебелина од околу 2 см (или на четири парчиња доколку се поголеми). Наредете ги во тава обложена со хартија за печење. Врз секое парче ставете по една коцка путер и поросете со шеќер.
Печете на 180°C околу 25 минути, со повремена проверка – крушите треба да омекнат, но внимавајте да не ги препечете.
По печењето, оставете ги целосно да се изладат.
Сервирање
Во десертна чинија ставете едно парче круша како подлога, врз него нанесете мала количина од свежата бурата. Повторете ја постапката со останатите парчиња. Користете умерена количина од сирењето и од течната страчатела, за десертот да ја задржи формата.
Врз секое парче додадете по една лажичка мед, поросете со сецкани ореви и сува брусница, а на крај декорирајте со свежи ливчиња нане.
Добар апетит и уживајте во овој софистициран, а лесен десерт! 








