Directions
Вкусен и Здрав Намаз од црни маслинки одличен со потпечени брускети, како појадок или закуска во секое време. Се подготвува за две минути со блендирање на сите состојки, а затворен во фрижидер може да го чувате повеќе денови.
Овој Француски намаз познат како – Тапенаде Намаз, се подготвува од црни маслинки. Кога одбирате маслинки најдобро е да купите несолени црни маслинки за да имате поголема контрола врз соленоста и вкуот кој ќе го добиете на крајот. Освен намаз од црни маслинки може да подготвите и намаз од зелени маслинки.
Во продолжение го споделувам намазот од неколку состојки кои јас најчесто ги додавам за да биде по мој вкус.
Состојки
150 грама црни несолени маслинки (пола шоља)
1 чешне лук
1/2 лимонов сок
кора од пола лимон
1 лажица маслиново масло
2 лажици сушени домати од масло (сецкани)
1 лажица сецкан магдонос
1/2 сецкана црвена пиперка или чили по избор
1 лажичка каперси
1 лажиче оригано и сол по вкус
Исчистете ги маслинките од коска и сите состојки ставете ги во блендер па на неколку наврати со пулсирање блендирајте ги додека добиете убава смеса. Внимавајте и не ја блендирајте смесата предолго па да добиете пире на крајот. Доколку сакате цели парченца и порустикален изглед можете да користите нож со кој сите сосотојки ќе ги исецкате на многу ситни парчиња.
Послужете ги со потпечени брускети со маслиново масло, декорирајте со сушени домати или свежо сецкани домати, поросете со сецкан магдонос и оригано.
Имајте добар апетит!