Directions
Кралот на зимницата е традиција и вкус без кој не може да се замисли зимската трпеза, познат уште како македонски кавијар бидејќи е вистински предизвик да се подготви за што се потребни многу часови и внимание додека да се добие навистина вкусен домашен ајвар.
Се подготвува од сортата пиперки познати како црвена капија во периодот на крајот на август и месец септември, и е еден од моите омилени, заради спомените и дружбата со најблиските додека се подготвува.
Автентичниот вкус на ајварот потекнува од Македонија и сите околни земји од Балканот го подготвуваат со разлика во состојките кои ги додаваат дополнително како лук, оцет, модар патлиџан или домати, додека оригиналниот македонски рецепт се состои од само 4 состојки.
Во деведесетите години на минатиот век откако започна брендирање на производи, компанија од Словенија се обиде да го заштити ајварот како свој производ, а еден од најголемите производители на ајварот од Хрватска е Подравка, додека Лесковац е главниот центар за производство на ајвар во Србија, но овој вистински деликатес кој се повеќе се користи во светот се подготвува во многу домаќинстава ширум сите земји на балканот.
Историјата вели дека ајварот се подготвувал најчесто во градските богати македонски семејства бидејќи сончогледовото масло или зејтинот, бил многу скап производ во тој период, а подготовката барала дополнителни трошоци како дрва за печење на пиперките на ќумбе, големи количини на црвена пиперка, време и внимание од многу часови, печење, лупење и вриење со постојано мешање се со цел да се добие навистина посакуваниот вкусен производ без грешка, па затоа и го нарекувале македонски кавијар затоа што бил скап производ.
Секоја домаќинка го подготвува највкусниот ајвар и вистинска балканска борба е чиј ајвар е највкусен. Навиката на вкусот со кој растеме во семејството е една од причините да ги мериме вкусовите на оној кој нам ни одговара при дегустација на крајниот производ на другите земји и домаќинства.
Секој производ кој е здрав и со бенефити за нашиот организам треба да се прифати без размислување, уште повеќе ако вкусот е привлечен и може да се комбинира на многу начини и во многу оброци.
Колку е здрав Ајварот?
Изобилува со витамин А кој го задржува за време на варењето и печењето на пиперките, токму овој витамин се смета за активен антиоксиданс, одличен извор е на растителни влакна или околу 5 грама, на 100 грама ајвар има околу 150 калории, само 10 грама масти од кои 2 грама заситени, околу 10 грама јаглени хидрати, околу 5 грама шеќер, 5 грама протеин, содржи витамин Ц, Б6 и магнезиум, и е навистина здрава закуска која може да се комбинира со многу други вкусови.
Ако најдете слободен викенд топло ви препорачувам да го подготвите и да уживате во неговиот вкус многу месеци во текот на зимата.
Подготовка и состојки по автентичен македонски рецепт
80 кг црвена пиперка
3-4 литри масло (сончогледово или маслиново)
200 гр сол
150 гр шеќер
Подготовка
Црвената пиперка убаво измијте ја под млаз вода и избришете ја да биде сува при печењето. Одберете ги здравите пиперки и на оган испечете ги убаво од сите страни.
Секоја испечена пиперка ставете ги во цедалка покриени со пластична кеса за убаво да омекнат и да се исцеди вишокот течност од нив за да има помалку вода и да се скрати процесот на варење.
Од секоја пиперка отстранете го семето и лушпата. Потоа во машина за мелење месо, електрична или рачна измелете ги и додадете ги во голем лонец на оган да се варат.
Многу важно е мелените пиперки на почетокот да ги додадете без масло за убаво да испари сокот од пиперките. Потребно време да зовријат пиперките за големи количини е од половина час до еден час, зависно од тоа колку е силен оганот и колкава количина сок содржат пиперките.
На почетокот на варењето се создава голема пареа која со текот на варењето се намалува. После извесно време откако ќе зоврие целата смеса од пиперки започнете со додавањето на маслото.
Маслото се додава постепено на неколку наврати и постојано се меша да не загори.
Вриењето може да трае неколку часови. За големи количини како 80 кг пиперки се потребни околу 4 часа, може и повеќе, зависно од сочноста на пиперот.
На крајот се додава солта и шеќерот. Кога на дното од лонецот сместа ќе остава траг додека ја мешате, тогаш е готов ајварот.
Готовиот ајвар додека е топол се префрла во тегли. Теглите треба да бидат убаво измиени и стерилни, а пред полнење треба да бидат топли.
За стерилизација на теглите ви препорачувам после миење заедно со капаците да ги оставите во рерна на 150 степени 115 минути.
Затворете вака стерилизирани и пред полнење затоплете ги на ќумбето каде го варевте ајварот.
Во топла тегла се става топол ајвар и теглите веднаш се затвораат за да се вакумираат.
Оставете ги да се изладат и чувајте ги на ладно место во текот на зимата.
Вистинскиот вкус на ајварот се ужива со лепче и биено или солено сирење по избор.
Моја препорака е врз лепчето премачкано со ајвар да додадете испржено јајце на око, со мека жолчка која се растекува кога ќе ја пресечете и пропржена сланина.
Одличен избор за ладните зимски денови кога ви се потребни малку калории да се затоплите.
Ајварот е одличен да го комбинирате и како предјадење за многу закуски за прослави, родендени и драги гости.
Имајте добар апетит! Уживајте во вкусот на традицијата!