Directions
“Шантерела” e печурка позната по своите хранливи вредности, и се почесто може да ја најдете на мени во многу ресторани ширум светот како вистински деликатес.
Кај нас се сретнува под името лисичарка, лисички, лисици, стебленца или слично.
Овие месести печурки се одликуваат со жолтеникава боја и може да ги наберете во летниот период на влажна почва околу борова шума, од месец јуни до октомври зависно од влажноста и најчесто после обилни врнежи.
Шантерелата има големи хранливи вредности, како витамини (Б1, Б6, витамин Д, рибофлавин, ниацин, фолна киселина), потоа минерали (калциум, железо, магнезиум, фосфор, цинк и натриум), протеини, јаглени хидрати, влакна и есенцијални заситени масни киселини.
Овие печурки се богат извор на бета-каротен и витамин Ц, а само како еден податок е дека содржат три пати повеќе бета акротен од морковот а се со хранлива вредност од 32 калории.
Шантерелата се многу корисни против вируси, бактерии и паразити. Заради антибактериските својства помагаат против бактерии кои може да предизвикуваат и труење со храна.
Подготовка и Чување
Бидејќи се ова шумски печурки потребно е убаво да се исчистат пред консумирање, а тоа може да го направите со сув метод, односно со четка да ги отстраните нечистотиите и земјата од нив, слично како кај тартуфот и на тој начин да не ја впиваат водата и да го задржат вкусот.
Вториот начин е да ги ставите печурките во поголем сад, да ги посипете со сол и да ги прелиете со зовриена вода. Потоа измешајте ги со голема лажица за да останат нечистотиите на дното и ова повторете го неколку пати додека да сте сигурни дека целосно се чисти.
Лисичарките може да ги косумирате свежи, сушени, маринирани со киселкаст вкус или замрзнати. Во фрижидер свежи најдобро е да ги чувате најмногу до 7 дена после берба, или може да ги сушите на сонце 3 до 5 дена додека да потемнат. Оваа печурка после берба може и да ја замрзнете и без да ја одмрзнувате целосно да ја пржите на маслиново масло на силен оган исто како вргањот.
При подготовка се лесни и заради уникатниот вкус одлични се како прилог со тестенини. Јас ви предлагам две варијанти за подготовка на лисичарките, притоа и двата се подготвуваат за 5 до 10 минути на лесен и брз начин со тоа што разликата е во сервирањето.
Палента со Лисички
200 грама лисичарки
150 грама палента
150 мл вода
1 лажица путер
2 лажици маслиново масло
2 лажици пармезан
мајчина душица свежа/сува
сол и бибер
Во тава со маслиново масло додадете ги исчистените печурки и убаво испржете ги додека да добијат златно-жолта боја и малку да потемнат.
Извадете ги испржените печурки и во истата тава додадете го путерот да се растопи и додадете ја палентата, кратко измешајте додека се соединат состојките, додајте свежа мајчина душица и прелијте со вода.
Мешајте додека се соединат состојките или неколку минути, и да ја добиете посакувана густина.
На крајот додадете го свежо изренданиот пармезан, бибер и сол по вкус и тргнете од оган.
Сервирајте на чинија, најпрвин од подготвената палента и врз неа распоредете ги испржените печурки.
Декорирајте по желба, поросете со црн бибер и малку рендан пармезан.1/2
Тост со Авокадо и Лисичарки
200 грама пржени лисичарки
1 авокадо
1/2 младо лукче тенко исецкано
магдонос, нане свежи ливчиња
сол и бибер
1/2 лимонов сок
4 парчиња багет
маслиново масло за тостирање
Испржете ги печурките во маслиново, па подгответе неколку парчиња тенко исецкан багет или леб по избор.
Секое парче прелијте го со маслиново од двете страни, поросете со малку сол и бибер и печете на тава додека да добијат убава златно-кафеава боја и да станат крцкави.
Авокадото испасирајте го со вилушка и во него додадете лимонов сок од половина лимон.
Врз секое тостирано лепче нанесете од пасираното авокадо и врз него додадете печурки.
Украсете со тенко сецкано младо лукче, магдонос и нане ливчиња, поросете со бибер и сол по вкус и изрендајте малку пармезан.
Лесни, брзи, хранливи и здрави оброци.
Имајте добар апетит!