Directions
Кукурекот е традиционално вкусно јадење кое се подготвува од јагнешки црева, исчистени и сплетени, и најчесто се наоѓа на македонската трпеза за време на велигденските празници.
Потребно е цревата да се исчистат убаво, внатрешно и надворешно и да се извријат во две води пред подготовка. Кукурекот може да го најдете во месарница, сплетен и исчистен, а со тоа да си ја олесните подготовката.
Баба ми ги подготвуваше цревата најчесто заедно со црн и бел џигер и на крајот ги пржеше во една тава, иако не сум голем љубител на јагнешко месо, за мене ова беше едно од најубавите јадења кое со нетрпение чекав да го пробам за време на празници.
Овој рецепт е подготовка само на кукурек, а се започнува со варење, и се завршува со пржење со што се добива дополнителен вкус и крцкавост на крајот.
Состојки
1 Кукурек
2-3 моркови
1 главица кромид
2 стебла целер
ловоров лист
150 мл вино
5-6 чешниња лук
црн бибер во зрно
сол по вкус
свинска маст или путер за пржење
Подготовка на Кукурек
Во тенџере со вода потопете го кукурекот и оставете водата да зоврие. Откако ќе зоврие испете ја водата и додадете нова вода. Повторете ја постапката и откако ќе зоврие кукурекот варете го околу пет минути и повторно фрлете ја водата.
Исецкајте ги морковот, целерот и кромидот на големи парчиња и заедно со ловоровиот лист додадете ги во кукурекот. Додадете зрна црн бибер по вкус. Прелијте со вода и ставете на силен оган да зоврие. Потоа намалете ја температурата на средна умерена и оставете да се вари 45 минути.
После 45 минути префрлете го кукурекот во тава за печење и во него додадете дел од течноста во која се вареше. Водата не треба да го прелева, туку да биде два цм под кукурекот. Во водата додадете 5-6 цели чешниња лук, 150 мл вино по желба и 2 до 3 лажици масло.
Покријте ја тавата со капак или фолија и оставете да се пече кукурекот 45 минути.
Со печењето дополнително ќе омекне внатрешниот дел и ќе ги прима вкусовите и мирисот на лук и вино.
По желба може да го сервирате цел кукурек, кој откако ќе го испечете покриен ќе го извадите на решетка, ќе го премачкате со малку свинска маст или путер по целата површина, ќе го посолите по вкус и ќе го печете откриен додека да стане крцкав од сите страни.
Мојот начин на сервирање завршува со сечење на кукурекот на кругови со дебелина од 3 цм откако ќе се испече во рерна. Потоа во тава се додава путер или свинска маст доволно за пржење, и секое парче се пржи на средна температура од двете страни додека да стане крцкаво.
Се посолува на крај по вкус и се поросува со сув зачин оригано, црвена пиперка или буковец.
Пржењето на крајот во свинска маст или путер дополнително ќе му даде вкус на ова јадење многу повеќе одошто ако го пржите во масло.
На крајот во тавата во која се пржеа парчињата може да подготвите и прелив со кој ќе го прелиете секое парче или целиот кукурек.
Во тавата со масло додадете една лажица брашно, буковец, оригано и мелен црн бибер. Пржете кратко додека брашното и зачините добијат арома или најмногу една минута на тивок оган.
Потоа во нив додадете дел од течноста во која се печеше кукурекот. Испасирајте ги лукчињата и додадете ги и нив во течноста. Измешајте убаво до убава и мазна густина. Со ова прелијте ги парчињата кукурек.
Ви препорачувам да потпечете лепче во масло со буковец и да уживате во вкусот на ситно исецканиот крцкав кукурек.
Имајте добар апетит!