Directions
Кремасто пире од компир со праз е вкусно јадење кое одлично се надополнува со пилешко месо.
Највкусно пире ќе добиете од стари компири (песокливи), и тоа доколку ги варите цели, бидејќи на парчиња полесно ја впиваат водата и на овој начин пирето ќе стане кашесто и помалку кремаво.
Компирите може убаво да ги измиете и да ги варите во лушпа, или да ги излупите и варите цели.
Една од најважните состојки за вкусно кремасто пире е путерот кој го прави свиленкасто пирето, и кој треба да биде на собна температура, малку омекнат, а млекото најдобро е да го додавате топло ако сакате пирето да биде топло кога ќе го послужите, или едноставно до сервирање може да го чувате во рерна или на млака загреана плотна. Сол секогаш додавајте на крај по вкус.
Празот во овој рецепт се подготвува одвоено и се додава на крајот во подготвеното пире.
Празот е познат како зеленчук за долговечност, кој е добро да се вклучи во исхраната за силен имунитет, познат е како чистач на организмот и диуретик, извор е на голем број витамини и минерали клучни за добро здравје, нискокалоричен е и со редовно користење може да се намали холестеролот и притисокот.
Состојки за подготовка на пире
4 компири (средна големина)
1/2 шоља млеко
100 грама несолен путер
црн бибер по вкус
1 лажичка морска сол
За подготовка на празот
1 стебло праз
2 лажици маслиново масло
1/2 лажиче јодирана сол
Компирите измијте ги убаво, излупете ги и ставете ги да се варат. Додека се варат започнете со подготовка на празот.
Ситно исецкајте едно стебло, додадете го во тава на загреано масло и пржете на средна температура додека да омекне. Пред крајот додадете малку вода и пржете додека водата да испари. На овој начин ќе добиете помек и повкусен праз. Оставете го на страна празот додека да го подготвите пирето.
Сварените компири испасирајте ги убаво, притоа додавајќи го путерот на два пати. Путерот со додавањето ги прави компирите свилени и помага за уште покремава структура. Путер може да додадете и повеќе од рецептот и со сигурност нема да зажалите бидејќи тој ќе го збогати вкусот на пирето. По додавање на путерот додавајте го млекото постепено, така ќе ја контролирате густината која ја сакате. На крајот додадете го подготвениот праз, црн бибер по вкус и измешајте убаво. Сол додадете на крај по желба.
Ова јадење е навистина вкусно, но по желба ви препорачувам понекогаш да го послужите со пржено пилешко на коцки.
Ако сакате пирето од компири да остане топло до сервирање покријте го и ставете го во топла рерна или на млака плотна додека да го послужите.
Имајте добар апетит!