Directions
Вкусен Јагнешки Џигер кој се подготвува лесно и брзо може да биде одличен ручек или вечера, а притоа да го подготвите лесно и за 15 минути, да биде сочен и со богат вкус.
Јагнешкиот џигер е исклучително хранлив, богат е со висококвалитетни протеини, нискокалоричен е, богат со витамин А, железо, витамин Б12, бакар, фолна киселина и рибофлавин.
Јагнешкиот џигер има тенка мембрана и директно може да се сецка на парчиња пред подготовка, додека кај телешкиот џигер, најдобро е да ја отстраните мембраната и да го исчистите од жили убаво.
Сецкањето на џигерот треба да биде тенко за најдобар резултат, односно на текни ленти со дебелина од 1 см. Пред пржење убаво е да отстои во микс од зачини за да има побогат вкус и да омекне малку.
Се пржи кратко на силен оган и треба да ја зачува розевата боја внатре.
Состојки
500 грама јагнешки џигер
1 лимон (лимонов сок)
1. 1/2 л. ким во зрно
1л. сушен магдонос
4-5 чешниња лук
1 л. мускатно оревче
1/2 л. буковец (благ или лут по избор)
1л. микс од зачини за супа
маслиново масло за пржeње
сол по вкус
За сервирање како прилог со џигерот
1/2 кромид
2л. бел оцет
Во тава истостирајте го кимот во зрно кратко да добие убава арома, потоа сите зачини заедно со лукот, истолчете ги, додадете сок од еден лимон во нив, измешајте и додадете ги во исецканиот џигер.
Измасирајте убаво да се впијат зачините подеднакво и оставете да остои најмалку половина час до 2 часа. Најдобро е ако претходно го подготвите да отстои убаво па потоа да го пржите.
Во тава на силен оган подгответе масло за пржење. Потребно е да има доволно масло и да пржите во поширока тава. Ако имате повеќе џигер може да го додадете на два пати, не наеднаш.
Пред пржење посолете го со сол по вкус па потоа пржете го. Вака подготвен пржете го кратко од 3 до 5 минути и од двете страни убаво, а внатре да има розеникава боја.
Сервирајте го во чинија со дел од течноста во која се пржеше. Одлично можете да го надополните со вкус на текно сецкан кромид на кој ќе додадете 2 лажици бел оцет и малку буковец. Притиснете го кромидот за да ги испушти соковите и додадете го во чинија за сервирање.
Со џигерот ви препорачувам еден сос кој може да го подготвите веднаш доколку сте љубители на таан.
Сосотојки
2 лажици таан
4 лажици кисело млеко
1 чешне лук (сецкано)
буковец за поросување
Измешајте го таанот со киселото млеко, додадете го исецканото лукче и поросете со малку буковец.
Може да спремите и лепчиња и да ги наполните внатре од подготвениот џигер, да додадете од сосот и на крајот малку од подготвениот кромид со оцет и буковец.
Или едноставно да макате.
Во чинијата кога сервирате може да додадете и свеж магдонос и тенко да исецкате парченца чили пиперка.
Се надевам ќе ви се допадне рецептот и предлозите како да го подготвите ова јадење кое освен што е вкусно е и една здрава супер храна.
Имајте добар апетит!