Directions
Подготовката на џем од кајсии е лесна, но за најдобар краен резултат треба да обрнете внимание на некои детали, како време на варење и температура. Овој рецепт е едноставен, со само две состојки, има мазна структура и преубава златна боја.
Нема потреба да ги оставете кајсиите со шеќерот да остојат претходно, бидејки крајниот резултат ќе биде ист, интензивен мирис, мазен и навистина вкусен џем.
Следете ги сите детали и направете домашен џем додека сеуште е сезона на кајсии.
Исчистете ги касиите од семките и доколку имаат црни дамки или потемни делови засечете и отсранете ги бидејќи овој џем има светла боја и тие ќе се познаваат.
Кајсиите ставете ги во шерпа во зависност од количината која ќе ја правите и покријте ги со шеќерот во зрно. Дозата од 1,5 кг кајсии и 500 грама шеќер може да ја зголемите доколку сакате да направите повеќе.
За полесно и побрзо да ги пуштат соковите кајсиите, притиснете и испасирајте ги на помали парчиња со дрвена лажица.
Вклучете на тивок оган и повремено мешајте додека да се растопи шеќерот.
Белата пена отстранете ја.
Откако ќе поминат 25 минути џемот ќе има поголема густина, и доколку сакате убава мазна структура најдобро е сега да ги испасирате кајсиите со рачен блендер.
После пасирањето зголемета ја температурата од тивка на средно-умерена, притоа е потребно постојано и убаво мешање во наредните 20 до 30 минути, или во зависност од сочноста на кајсиите.
За да го намалите прскањето и загорувањето постојано мешајте го џемот откако ќе ја зголемите температурата.
Проверите ја густината и извадете една лажица во сад, откако малку ќе олади ќе добие поголема густина. Колку повеќе го варите џемот толку повеќе потемнува, затоа бидете внимателни да не го преварувате и да добиете темна боја.
Доколку ставите поголема количина на шеќер ќе добиете поголема густина.
Пред крајот подгответе тегли. Стерилизирајте ги така што ќе ги измиете убаво претходно заедно со капаците.
Капаците проверете ги да бидат здрави во внатрешниот дел и одвоено од теглите ставете ги во рерна 15 минути на 100 степени.
Додека се топли и џемот уште е топол, наполнете ги теглите и затворете ги веднаш.
Свртете ги надолу за да се вакумира капакот добро, доволно е 15 минути.
Потоа проверете ги дали сите капаци се затегнати и немаат воздух.
Ако некој капак кога ќе го притиснете има празнина, тогаш таа тегла ставете ја во сад со вода да проврие додека се вакумира, околу 10тина минути.
Верувам ќе ви бидат од корист овие детали.
На крајот ви препорачувам да подготвите вкусни палачинки со џем од кајсија, поросете со прав шеќер и уживајте во ова слатко задоволство.
Рецептот како да подготвите тенки и вкусни палачинки може да го следите во линкот подолу.
Имајте добар апетит!