Directions
Вкусни Домашни тестенини подготвени по рецепт на баба ми со богат вкус на млеко и прекрасна жолта боја ако ги подготвите од домашни јајца.
Потребно ви е малку трпение и добро расположение и да уживате во нивната подготовка. Сушењето може да биде на сонце или на собна температура на провев во топол ден, за што ви се потребни од неколку часа до еден ден. Наредниот ден веќе може да ги наполните во тегли и да ги чувате на суво место без влага.
За подготовка на тарана може да користите ренде, додека за јуфките е потребно сукање со сукало.
Македонските тестенини се слични на многу други тестенини што се подготвуваат во светот, со своја уникатност по форма и вкус. Може да ги подготвите со јајца и млеко, само со јајца или само од брашно. Мојата варијанта на подготовка ја научив од баба ми и мајка ми, и вкусот кој може е навика најмногу ме привлекува на начинот на кој тие го подготвуваат, затоа го споделувам нивниот рецепт.
Се сеќавам дека баба ми немаше ренде во периодот кога ја подготвуваше тараната, па неа ја правеше на драмоњ (со покрупни дупки), или во тој период користеа, сито, решето и драмоњ. Се спремаа поголеми количини и затоа ова им одговараше за поголема количина и побрза подготовка. Исклучиво на сонце ги сушеа и за неколку часа имаше готови тестенини. Убави спомени кои сеуште ми се во сеќавање 🙂
Од еден килограм брашно може да подготвите скоро полни две тегли доволно за многу оброци. Ситната тарана е идеална за подготовка на супи и вкусни чорби особено во зимските денови за да се затоплите, додека јуфките може да бидат навистина вкусен појадок со меко бело сирење, моцарела или пармезан со малку домати и босилок.
Од едноставни состојки до вкусни оброци.
Рецепт и Детали
1кг брашно
200 мл млеко
6 јајца и 1 л сол
Во просеаното брашно додадете сол. Изматете ги јајцата заедно со млекото и додадете ги во брашното. Може да користите поголем сад или на работна маса по избор. Измесете додека се впие брашното целосно и направете топка. Месете околу 5 до 10 минути додека добиете мазно изедначено тесто и по површината премачкајте го со масло. Завиткајте го со фолија и оставете малку да одмори, десетина минути. Потоа поделете ја смесата на две половини, од едната за јуфки и другата за подготовка на тарана. За полесно да сукате тенки кори поделете го тестото на помали парчиња. Тенко исуканите кори оставете ги да се исушат на кујнска хартија или чаршав, Искршете ги кога ќе бидат суви.
Од втората половина подгответе ја тараната , со цепкање на помали парчиња од тестото. За да може полесно да го реднате поросувајте го тестото со брашно и рендето почесто. Ситните парчиња убаво набрашнете ги за да не ви се лепат, а потоа низ сито просејте го вишокот брашно. Оставете ги да се сушат убаво распоредени за да не ви се залепат.
Сушењето на сонце е најдобро, но доколку ги сушите внатре проверете ги и мешајте ги неколку пати убаво да се исушат и да не ви се лепат. На крајот префрлете ги во суви, чисти тегли со малку кујнска хартија за да ја впива влагата. Најдобро е да не ги полните во тегли доколку не сте сигурни дали се целосно исушени за да не ви потемнат или појават мувла.
Ви посакувам добар апетит и многу вкусни оброци !