Directions
Сезоната на бамја е во полн ек и доволна причина за да подготвите здрав ручек за целата фамилија.
Изборот на месо може да биде од пилешко, говедско или свинско, или доколку сакате полесна порција без месо може да ја подготвите само од бамја и ориз.
Листата на придобивки од користење на бамјата е долга, но пред да го споделам овој рецепт би сакала да го споделам моето искуство, и дека почнав почесто да ја користам и спремам во оброци заради пријателка од медитеранот која многу често подготвуваше оброци со бамја поради препорака од нејзиниот доктор заради прележан канцер.
Бамјата е исклучително здрава и ако може да ја користите во периодот на сезона би било одлично за вашето здравје. Можете и да ја замрзнете во кеси по половина килограм или можете и да ја сушите на сонце за да ја имате во текот на целата година. За еден оброк на четиричлено семејство е доволно половина килограм бамја, исчистена и измиена, а по желба може да ја подготвите како цели парчиња или исецкана на помали парчиња.
Во изобилство ги имаме и доматите во лето па затоа ви препорачувам да користите свежи домати, излупени и изблендирани, бидејќи тоа ќе им даде дополнтелен вкус.
Состојки за 4 порции
500 грама бамја
500 грама говедско месо (исецкано на тенки и мали парчиња)
250 грама варен ориз
2 домати (црвени, средна големина)
1 главица кромид
4-5 чешниња лукче
мелен црн бибер
1/2 л. куркума во прав
1 л. црвена пиперка
1/2 л. кари зачин
1 л. сув магдонос
мускатно оревче по вкус
3-4 сув ловоров лист
маслиново масло
250 мл вода
Измијте ја бамјата и отстранете ги рачките и врвовите. Ако имате можност да најдете ситна бамја тогаш варете ја цела, ако имате подолга бамја може да ја исецкате на помали парчиња.
Во тава на среден оган со маслиново масло додадете го ситно исецканиот кромид и пржете го додека да стане проѕирен. Во него додадете го месото. Говедското месо претходно исецкајте го на помали, многу тенки парчиња. Пржете го месото кратко, две до три минути и додадете ги зачините по вкус и исецканото лукче. Промешајте и додадете ја бамјата. На среден оган пржете ги сите состојки неколку минути, потоа во нив додадете ги изблендираните домати, водата и ловоровиот лист.
Варете на тивок оган, покриено со капак околу 45 минути, додека месото убаво да омекне. Внимавајте оганот да не е силен за да не ја преварите бамјата и да се распаѓа.
Во меѓувреме сварете басмати ориз или кочански ориз. Во сад (чаша) премачкана со масло притиснете го оризот, наполнете и сервирајте го на средина на чинија.
Откако бамјата ќе се свари убаво извадете го ловоровиот лист и сервирајте околу оризот.
Имајте добар апетит !