Directions
Најдобар начин да направите кремаст хумус, со вистински длабок вкус и мазна структура, е притоа да го подготвите наутот навечер, да отстои во ладна вода до наредниот ден. Со стоењето во вода наутот убаво ќе набабри и со тоа ќе го скратите времето на варење, зрната ќе бидат меки, и со стоење во вода ќе дадат дополнителен вкус а ќе ги задржат сите хранливи сосотојки.
Хумусот може да биде здрав оброк со пита лепчиња идеален и за појадок, бидејќи е доста хранлив, изобилува со протеин кој ќе ве заситува, особено го препорачувам да го подготвите наутот во домашни услови одошто да користите готов од конзерва за да ги избегнете сите штетни додатоци.
Може да го најдете на зелените пазари по добра цена, и тоа неколку пати по пониска цена од онаа во маркетите, ако сте љубител на хумус, домашниот хумус ќе ви заштеди и пари.
Во зависност од тоа кој вкус го сакате можете да приготвите три различни варијанти : Стандарден, со варено цвекло или пикант.
СТАНДАРДЕН ХУМУС
Измијте го наутот во ладна вода неколку пати, најдобро е три пати, и оставете го во ладна вода преку ноќ или барем еден час на собна температура пред варење. Водата во која стои наутот не ја фрлајте, додадете една лажичка сода бикарбона и варете во истата за да ги задржите хранливите состојки. Содата убаво ќе го омекне зрното и ќе го скрати процесот на варење.
Варете го 60 минути за убаво да омекнат зрната. Ако го оставите преку ноќ да отстои убаво, ќе го скратите процесот на варење на 30 минути до 45 минути.
Во текот на вриењето исчистете ја пената од врвот со лажица.
Кога наутот е подготвен, и кога убаво ќе омекна зрната, може да притиснете едно зрно со лажица и ако е меко и е кашесто, значи дека е убаво сварено и можете да започнете со подготовка на состојките.
За Стандарден Хумус ви се потребни:
2 чаши Наут
2 лажици Таан
3 лажици маслиново масло
2-3 чешиња лук
1 лажица морска сол
Црн пипер по вкус
1/2 чаша зовриена вода во која се вареше наутот.
Во блендер изблендирајте ги сите состојки заедно додека да се изедначат и да добиете посакувана мазана структура. Сервирајте во чинија и декорирајте со неколку зрна од варениот наут и свеж магдонос, поросете со црн бибер.
ХУМУС ОД ЦВЕКЛО
За овој вкус освен состојките на стандарниот хумус додадете 5 парчиња варено цвекло.
Парчињата исцедете ги од течност и додадете ги во блендерот со останатите состојки.
Од цвеклото ќе добие убава боја. На крај декорирајте со сусам и неколку зрна варен наут.
ПИКАНТ ХУМУС
За овој вкус освен состојките на стандарниот хумус додадете една црвена пиперка и чили црвена пиперка , доколку сте љубители на луто и сакате посилен вкус може да додадете две црвени чили пиперки.
Блендирајте со останатите состојки и декорирајте со чили парченца.
Имајте добар апетит и уживајте кој вкус и да го одберете!
Доколку ви се допаѓа овој рецепт, споделете!
Ви ги препорачувам пита лепчињата за макање со хумус!