Directions
Ако сте во потрага по здрави рецепти, супер лесни за подготовка и полни со вкусови, тогаш дефинитивно треба да ја пробате оваа тајландска супа од кокосово млеко која е полна со протеини.
Може да ја подготвите во две варијанти, со пилешко месо или со ракчиња, изборот е ваш. Се служи топла, а во зависнот од вкусот кој го преферирате може да ја подготвите и лута.
“Кога здравата храна има убав вкус”, оваа реченица дефинитивно во целост ја опишуваа оваа вкусна супа со цитрусен вкус.
Може да ја чувате во фрижидер покриена до три дена со претходно подгревање пред сервирање.
Како да ја подготвите оваа супа, следете ги состојките подолу.
За две порции
16 парчиња ракчиња (8 за една порција)
500 мл кокосово млеко
250 мл вода
лимонова трева ( 1 парче)
2 см галангал (кој може да го замените со ѓумбир ако немате)
магдонос
2-3 чешниња лукче
1 лажица фиш сос
чили пиперчиња по вкус
1 лимета
Подготовка
За оваа супа користите свежи ракчиња. Започнете со чистење на ракчињата, ако можете да најдете исчистени ќе заштедите на време. Во нив додадете сецкан магдонос, лукче и исцедете малку сок од лимета. Измешајте за да се впијат вкусовите во нив и оставете ги да се маринираат кратко додека да ја подготвите супата.
Во сад на оган со умерена средна температура додадете го кокосовото млеко и водата, промешајте за еднаквост. Додека се загрева млекото исецкате ја лимоновата трева на помали парчиња, исецкајте го галангалот на тенки парчиња и убаво со толчник притиснете ги за да ги испуштат соковите. Потоа додадете ги во кокосовото млеко. Млекото не треба да зоврие, доволно е само да испарува на средна температура. Внимавајте на температурата бидејќи јачината е важна за оваа супа да остане со мазна и свиленкаста структура. Во млекото по вкус може да додадете и едно истолчено чили по вкус. Мешајте ја супата повремено со лажица додека убаво да се испуштат цитрусните вкусови и мириси. Доволно е петнаесетина минути на тивок оган со повремено мешање и потоа да ги додадете ракчињата. Пред крајот, пред да ги додадете ракчињата во млекото, со цеделка извадете ги лимоновата трава и галангалот за да остане супата млечна и чиста.
Откако ќе ги додадете ракчињата мешајте уште пет минути и тргнете од оган. На крајот додадете една лажица фиш сос, сецкан магднос, чили пиперчиња за вкус и декорација и послужете со парче лимета. Исцедете од свежиот сок од лимета и уживајте во вкусот на оваа прекрасна тајландска кокосова супа.
Супата има длабок цитрусен вкус кој го добива од галангалот, лимоновата трева и лимета. Ако малку додадете и луто чили нема да зажалите и да не сте љубители на луто, бидејќи масноста од кокосовото млеко сите вкусови ги вклопува совршено а лутината ја ублажува и ги развива вкусовите.
Како замена за ракчињата, во оваа супа може да додадете и пилешко месо.
Имајте добар апетит!
На здравје !