Directions
Сочна торта во три слоеви со лесен вкус на крем сирење и фил од сецкани парчиња праска од компот.
Се подготвува брзо и лесно со печење на тестото за само 15 минути, а за тој период може да го подготвите филот од само три состојки.
Исецкајте ситно половинки праска од компот и додадете ги во крем сирењето со шеќер во прав.
Премачкајте ги испечените кори со сирупот од компотот, распоредете го филот и поросете со шеќер во прав.
Со стоење во фрижидер тестото омекнува уште повеќе преку ноќ, а најдобро е да отстои еден час во фрижидер пред дегустација.
Подготовка на пандишпан :
5 јајца
90 грама брашно (или брашно за колачи)
120 грама шеќер
50 мл масло (сончогледово или семка од грозје)
4 грама прашок за пециво
1 лажица ванила екстракт
прстофат сол
Посебно изматете ги жолчките со 5о грама шеќер во зрно. Матете со рачен миксер додека смесата да стане погуста и да се зголеми волуменот, матете околу 5 минути. Потоа изматете ги белките во друг сад со 70 грама шеќер во зрно постепено, не наеднаш. Најдобро е шеќерот да го додаете на три пати, на секои две минути по една третина за да добиете совршена меренге структура. Потоа додадете ги изматените жолчки во белките и соединете ги двете текстури, со шпатула измешајте ги за да немате бели траги од белките.
Во брашното додадете го пецивото и прстофат сол, и додадете ги во јајцата и измешајте. На крајот во масло од 50 мл додадете четири лажици од смесата и оваа путереста смеса вратете ја во смесата за торта. Измешајте ги уште еднаш сите состојки и префрлете ја во правоаголна тава за печење покриена со хартија за печење. Убаво измазнете рамномерно за да имате еднаква дебелина на пандишпанот на крај и печете во загреана рерна на 160 степени 15тина минути.
Внимавајте да не го препекувате пандишпанот за да остане мек.
Додека се пече тестото подгответе го филот.
Состојки за филот
250 грама крем сирење
100 грама шеќер во прав
2 праски од компот/ 4 половинки
Праските исецкајте ги на помали коцки. Потоа во сад додадете го крем сирењето и шеќерот во прав и матете кратко со миксер додека добиете мазен фил. Во него додадете ги исецканите праски и измешајте со шпатула за да ги распоредете еднакво.
Откако ќе се испече пандишпанот, веднаш отстранете ја хартијата за печење и со прстен исечете го тестото на три еднакви кругови.
Во чинија за сервирање првото тесто премачкајте го со сируп од копотот од праски и нанесете половина од филот. Повторете уште еднаш со второто тесто и покријте со третото тесто.
Најдобро е да ја оставите малку да отстои во фрижидер околу еден час за да омекне тестото и да се впијат убаво вкусовите. Поросете со шеќер во прав пред дегустација.
Може да ја чувате во фрижидер повеќе денови, покриена со фолија за да остане мека.
Имајте добар апетит!