Directions
Вкусно и уникатно слатко од кора од лубеница кое се подготвува на едноставен начин без менување води и неред во кујна.
Се подготвува сирупот од вода и шеќер и се остава да изврие до убава густина, само со неколку мешања и без да ви одземе многу време и труд ќе подготвите слатко кое може да стои во текот на целата година.
Уникатноста на овој рецепт доаѓа од зрната бибер (црвен или црн), чили во прав и афионско семе.
При подготовка на ова слатко најдобро ќе биде да користите лубеница со подебела кора. Сезоната на лубеница сеуште трае па топло ви препорачувам да не ја фрлате кората и да го направите ова навистина вкусно задоволство со мирис на ванила.
Кората излупете ја и исецкајте ја на мали коцки, па подгответе го сирупот. Потребни ви се неколку минути да го подготвите, а потоа во него додадете ја сецката лубеница. Со неколку мешања додека врие, ќе добиете прекрасно слатко.
Состојки и подготовка
700 грама кора од лубеница
500 грама шеќер
250 мл вода
Сок од 1/2 лимон
1 кесичка Ванилин шеќер
2 лажици афионско семе
1 лажичка чили во прав
1/2 зрна (црвен/црн бибер)
Слаткарче по избор
Шеќерот и водата оставете ги да зовријат, со повремено мешање додека се избисти течноста. Потоа додадете ванилин шеќер, чили во прав и зрната бибер. Оставете сите состојки да вријат околу две минути, потоа извадете ги зрната бибер и додадете ја сецканата кора од лубеница.
На средна температура оставете го слаткото да врие 50 минути. Откако ќе зоврие слаткото некаде на средина, односно после половина час додадете сок од половина лимон и афионско семе две лажици. Повремено се меша за еднаво вриење на сите парчиња, или 4 до 5 мешања се доволни додека да биде готово. На крајот додадете две до три ливчиња свежо слаткарче. Оставете го целосно да се олади слаткото и префрлете го во стерилни тегли.
Стерилни тегли може да подготвите за 10 минути додека се вари слаткото.
Убаво измиени тегли заедно со капаците ставете ги во рерна на 100 степени и оставете ги десет до петнаесет минути. Бидете внимателни да не се допираат теглите една до друга за да не пукаат. Потоа исклучете ја рерната и оставете ги да се изладат. Наполнете ги со слаткото и затворете.
Имајте добар апетит! На здравје !
Видео подготовка
https://www.instagram.com/reel/Cvkg6QJJZFh/?igshid=MzRlODBiNWFlZA==