Directions
Лозовиот лист изобилува со растителни влакна, од минерали најмногу содржи железо, богат е со витамини, рибофлавин и фолна киселина. Има многу малку калории или некаде 15 калории на 5 листови, не содржи масти и холестерол, има малку шеќери, и е познат чувар на срцето.
Лозовиот лист има антивоспалително дејство и е особено погоден за дијабетичари, ја подобрува циркулацијата на крвта и помага при гастроинтестинални заболувања.
Најдобро е да ги соберете лозовите листови свежи, пред прскање во текот на летото. Може да ги замрзнете или да направите саламура и да ги чувате во текот на годината кога не се достапни.
Јадењата во лозов лист имаат цитусен вкус и мирис, кој може да го збогатите уште повеќе ако додадете свеж лимон и зрна калинка.
Сите детали како и начинот на подготовка до вкусни сарми може да го следите подолу.
Потребни состојки
40 лозови листови
2оо грама ориз
300 грама мелено телешко месо или по избор
1 главица кромид (средна големина)
2 чешниња лукче
1 домат
4 лажици доматна паста(може и кечап)
2 лажици мед
сол и бибер
црвена пиперка
сецкан магдонос
1 коцка за супа
зачини по вкус (куркума, кари, мускатно оревче, оригано, ловоров лист)
сок од 1 лимон
кисело млеко
калинка
Започнете со подготовка на листовите од винова лоза. Најдобро е да користите претходно приготвени листови од тегла или омекнати со претходно кратко варење.
Подготовка на филот
Ситно исецкајте ја главицата кромид и испржете ја на средна температура додека парченцата станат проѕирни. Додадете го меленото месо и доматот и пржете ги додека да испари водата, потоа додадете го ситно сецканото лукче и пржете кратко. Потоа додаете ги зачините, црниот бибер, куркума, кари, оригано и црвена пиперка по вкус како и 2 лажици доматна паста (или кечап) и сол. Потоа додадете го оризот. Најдобро е оризот да го измиете во неколку ладни води за да го исчистите од токсини. Пржете го оризот неколку минути и додадете го сецканиот магдонос. Измешајте добро и тргнете малку да олади.
На секој лист на средина ставете од филот и превиткајте ги надворешните краеви навнатре и завиткајте.
Во поголемо тенџере, премачкано со масло, на дното ставете неколку тенко исецкани парчиња компир за да се покрие дното и започнете со редење на сармите. Редете ги една до друга залепени за да не ви се растурат при варење и да ја задржат својата форма.
Варење на Сармите
Подгответе 800 мл литар течност со која ќе ги прелиете сармите.
Во врела вода додадете коцка од супа, додадете една лажици мед, 1 лажица сол, 2 лажици доматно пире и 2 листа ловоров лист.
Сармите на почеток ставете ги на посилен оган и прелијте ги со сок од еден лимон. При варењето им е потребна тежина и затоа најдобро е да ги покриете со чинија и врз неа да поставите уште една со вода за полесно и рамномерно варење на сармите. Кога ќе почнат да крчкаат и да пуштаат сокови тогаш прелијте ги со поготвената течност за да ги прелие.
Откако ќе зовријат, покријте ги со капак и намалете го оганот на средна температура, така варете ги околу 45 минути. После половина час може да ги проверите доколку течноста е испарена многу може да додадете малку вода за повторно да ги прелие сармите. Внимавајте на крајот да не ви загорат или да не ги преварите повеќе.
Сервирајте ги со кисело млеко со зрна калинка и врз секое сармиче исцедете лимон за освежителен вкус.
На здравје !