Directions
Профитероли со уникатен рустикален изглед, лесни за подготовка, кои може да ги обликувате само со лажица. Имаат лесен вкус, со мазен свиленкаст фил од ванила пудинг и бела чоколада.
Подготовката на овие профитероли отсекогаш мајка ми ја спремала со лажица, и може од навика, но овој стил не сакав да го сменам до денес, и за мене секоја профитерола е посебна и неповторлива по изглед.
Досега многу испробани рецепти, со путер, со маслиново и слично, но овој дефинитивно ми е незаменлив рецепт, а сите мои гости ги обожаваат.
Состојки за тесто
150 грама брашно
250 мл вода
125 мл сончогледово масло
3 големи јајца/ 4 средна големина
Состојки за фил
80 грама пудинг од ванила (две кесички)
900 мл млеко
4 лажици шеќер
50 грама бела чоколада
За прелив
црна чоколада
Подготовка на фил
Започнете со подготовка на филот за да може да се олади додека ги печете профитеролите.
Во сад измешајте го прашокот од ванила пудингот со 4 големи лажици шеќер и во него додадете 12 лажици ладно млеко, мешајте додека целосно се растопи шеќерот и пудингот. Во сад на оган на средна температура додадете го млекото и во него веднаш додадете ја изматената течност со пудингот. Најдобро е да користите жица маталка за да имате мазна структура на филот и постојано да мешате. Филот мешајте го повремено на почетокот на средна температура за да не ви се формираат грутчиња и да не ви загори млекото. Откако ќе почне да згустува мешајте постојано. Не брзајте го филот бидејќи тој ќе ви го заокружи целиот вкус на крајот. Откако ќе почне да прави меури потребно е околу 10 минути за да добие убава густина, на тивко со постојано мешање. На крајот додадете ја белата чоколада и тргнете од оган. Мешајте додека се растопи чоколадата и покријте го филот со пластична фолија директно врз целата површина за да остане филот мек и да не формира кора. Оставете го да се излади на собна температура или во фрижидер. Пред да ги полните профитеролите, измешајте го филот со миксер и префрлете го во пластична кеса за полесно да ги полните, или може да користите лажица.
Подготовка на тесто
Во сад на оган додадете го маслото и водата. Оставете ги да зовријат и веднаш тргнете ги. Во нив додадете го брашното и со миксер матете кратко да добиете изедначена смеса. Оставете го тестото кратко, неколку минути на собна температура. Потоа додадете едно јајце и мешајте со миксер. Кога ќе се изедначи јајцето во тестото се додава второто, па третото. Јајцата се додаваат едно по едно. Во зависност од големината на јајцата ќе ви бидат потребни 3 големи или 4 средна големина. Изматете додека се изедначи смесата и со мала лажичка земајте од смесата и на премачка тава со масло додавајте ги профитеролите на растојание бидејќи ќе се зголемат доволно за да не ви се залепат.
Печете ги на 200 степени 20 минути, без да отварате рерна, само намалете на 150 степени и печете уште 10 минути.
Наполнете ги со филот, и прелијте ги со растопена чоколада.
Поросете со сецкани бадеми или фстаци по желба.
Имајте добар апетит!
На здравје!
Instagram – Olgica_Naceva_Kitchen ; Facebook – Olgica Naceva Kitchen