Directions
Позната како кралица на тортите, Опера Торта, е елегантен и софистициран десерт-торта, која привлекува со својата убавина од слоеви и богатиот вкус на кафе и чоколада, надополнети од вкусот на натопениот пандишпан во сируп од кафе.
Името “опера” го добила заради пресекот кој наликува на нивоа на оперска куќа, или вкупно шест слоеви, односно, три слоеви пандишпан од бадемово брашно, два слоеви фил од кафе и слој фил од чоколада, сите покриени со чоколаден прелив.
И покрај тоа што изгледа комплицирана, се подготвува од едноставни состојки, лесно достапни, во неколку постапки кои се лесни за следење. Најдобро е да се чува најмалку два часа во фрижидер откако ќе се подготви, а пред дегустација е убаво да ја оставите на собна температура за поголема сочност и мекост на филовите. Може да ја чувате до 5 дена во фрижидер или да ја замрзнете до 3 месеци во ладилник.
Вкусна и импресивна, да ја подготвите за престојните божиќни и новогодишни празници, за посебна пригода, роденден и слично.
Важно е оваа торта при подготовка да не ја брзате и да ја спремите за викенд или кога имате релаксиран и слободен ден.
Состојки и Подготовка во 5 чекори
3(три) слоеви Пандишпан
- 130 грама бадемово брашно
- 4 јајца (160 грама)
- 110 грама белки
- 16 грама шеќер во зрно
- 36 грама брашно за колачи
- 40 грама шеќер во прав
- 24 грама путер (растопен)
Започнете со подготовка на пандишпанот. Изматете ги јајцата кратко со вилушка и додадете го шеќерот во зрно во нив. Садот ставете го на пареа (врз топол сад со вода), и матете ги со миксер додека добиете убав волумен. Откако ќе ги изматите, во посебен сад изматете ги само белките, тврдо, и на два пати додадете ги во жолчките и кратко измешајте ги со жица.
Измешајте го бадемовото брашно, брашното за колачи и прав шеќерот и додадете ги во садот со јајца. Мешајте со жица маталка, кратко додека се изедначат состојките, и додадете го растопениот путер. Внимајате при мешањето да не претерувате за да не се губи волуменот на пандишпанот.
Откако ќе ја подготвите смесата префрлете ја во тава со димензии (38×40) обложена со кујнска хартија, а тестото убаво распоредете го рамномерно по површината со шпатула за да имате еднакви кори по дебелина на крајот. Тестото печете го 10 минути на 210 степени, отстранете ја хартијата, краевите исечете ги и тестото поделете го на три еднакви дела по должина.
2. Сируп од Кафе
- 100 грама вода
- 100 грама шеќер во зрно
- 15 грама инстант кафе во прав
Измешајте ги сите состојки и ставете ги на оган да зовријат. Оставете го сирупот да излади и со него премачкајте ги секој од пандишпаните од двете страни за да бидат сочни. Поделете го сирупот на три еднакви дела ако ви е полесно или околу 70 грама течност на секоја кора.
3. Фил од Кафе
- 1 јајце (40 грама)
- 16 грама жолчка
- 120 грама путер (сецкан во коцка)
- 115 грама шеќер во зрно
- 45 грама вода
- 8 грама кафе
- 4 грама вода
Од овој фил се премачкуваат првата и третата кора пандишпан по една половина. Изматете едно јајцето до убав волумен со миксер. Потоа во друг сад на оган додадете ги 45 грама вода и 115 грама шеќер зрно и оставете ги да вријат една до две минути откако ќе зоврие течноста. Тргнете од оган и овој сируп додавајте го постепено во изматеното јајце со постојано матење со миксер. Пред да го додадете сирупот оставете го две минути на собна температура да ја намали температурата малку. Потоа додадете 120 грама путер во коцки и матете додека добиете мазна смеса. На крајот измешајте 8 грама кафе и 4 грама вода со лажица и додадете ги во филот за вкус и мирис. Филот поделете го на два еднакви дела, и започнете со подготовка на тортата.
Првата кора пандишпан убаво натопете ја со 70 грама од подготвениот сируп од кафе, и тоа од двете страни. Првиот пандишпан поставете го на чинија. Оставете ја кората вака во фрижидер десетина минути да се стегне сирупот. Потоа врз првата кора премачкајте рамномерно половина од филот од кафе. Убаво распоредете го филот, еднакво, и повторно вратете во фрижидер петнаесетина минути. Потоа убаво натопете го вториот пандишпан со сирупот од кафе од двете страни (70 грама), и покријте врз филот со втората кора. Почекајте десетина минути да стегне во фрижидер, а за тоа време подгответе го слојот од чоколада.
Слој од Чоколада
- 90 грама чоколада (црна, сецкана)
- 60 грама млеко
- 20 грама хопла
- 20 грама путер
Растопете ја чоколадата врз пареа, додадете го млекото, хоплата и путерот и убаво измешајте додека се изедначат.
Извадете ја тората од фрижидер и врз втората кора пандишпан нанесете го подготвениот слој од чоколада. Повторно вратете ја тортата во фрижидер да стегне, па врз овој слој подоцна нанесете ја третата кора натопена со сирупот од кафе и откако ќе стегне во фрижидер, нанесете ја втората половина од филот од кафе и оставете ја вака подготвената торта половина час во фрижидер.
На крајот подгответе го Преливот за торта со која ќе ја прелиете целата торта, и готови сме.
Процестот за подготовка не е тежок, само треба да внимавате при секој слој и нанесување на сируп да отстои во фрижидер за да се стегне и да имате убав краен резултат.
Прелив за Торта ( Глазура)
- 40 грама какао во прав
- 50 грама шеќер
- 160 мл млеко
- 50 грама чоколада (сецкана)
- 5 грама желатин
- 4 лажици вода
Во сад на оган додадете ги какаото, шеќерот и млекото. На средна умерена температура мешајте со шпатула постојано за да не ви загори. Кога ќе зоврие мешајте околу 10тина секунди додека добиете убава сјајна боја и тргнете од оган. Потоа додадете ја чоколадата и претходно растворениот 5 грама желатин во 4 лажици ладна вода. Измешајте ги сите состојки со шпатула додека убаво изедначат и оставете малку да олади преливот пред да ја прелиете тортата. Овој прелив треба да биде млак или на температура околу 25 степени за да не ви ги растопи филовите од тортата ако е премногу топол.
На крајот доаѓа најубавиот и најлесниот дел.
Откако е спремен преливот, извадете ја тората од фрижидер и поставете ја на решетка. Прелијте ја тортата по средишниот дел најпрвин, па потоа краевите.
На крајот се сечат краевите на тортата од сите страни, се прави пресек и се сечат парчиња во дебелина од 5 см.
По желба може да декорирате со златен прав.
Имајте добар апетит и добро здравје!