Directions
Млечниот леб е со деликатна и мека структура, со суптилно благ вкус кој дури и на допир се разликува од останатите по својата мекост и воздушност. Овој вид на леб е еден од омилените на децата, идеален е за тостови и сендвичи, едноставно се топи во уста и затоа е омилен кај повеќето љубители на лебови.
Најдобро е да се сече на тенки парчиња, и притоа најдобро се надополнува во комбинација со путер и џем.
Разликата помеѓу Млечниот леб и традиционалните типови леб е во единствената течност која се користи а тоа е млекото, додека во другите типови е водата. Исто така останататите типови леб во тестото не користат јајце, додека во млечниот леб може да се додаде и јајце кое дополнително му дава побогат вкус на лебот.
За овој рецепт на Млечен леб не е потребно месење, тука само се обликува пред нараснување и се остава да нарасне пред печење. Печењето исто така се разликува од останатите лепчиња кои се печат на повисока температура, додека овој леб се пече на средна температура од 170 степени.
Состојки и Подготовка
390 грама бело брашно
255 грама Млако млеко (40 степени)
7 грама сув квасец (1 пакетче)
15 грама омекнат путер на собна температура (1 лажица)
1 јајце (средна големина)
25 грама шеќер
8 грама сол (1 лажица)
Подготовка
Брашното во посебен сад измешајте го со солта. Во посебен сад додадете го млакото млеко и шеќерот и измешајте да се растопи шеќерот. Потоа додадете го изматеното јајце и сувиот квасец. Кратко измешајте и оставете го пет минути да се активира квасецот. Квасецот е активен и добар ако создаде меури. На крајот додадете го путерот, измешајте ги сите состојки и додадете ги во брашното.
Со дрвена лажица грубо измешајте ги состојките додека да се впие брашното, покријте го садот со фолија и оставете на топла собна температура да нарасне тестото 1 час. Топлата собна температура од околу 25 степени му помага да нарасне побрзо.
После еден час извадете го тестото на набрашнета површина, поросете го одозгора со малку брашно, и со прститете растегнетео го во округла форма, од краевите навнатре свиткајте го за да го обликувате во топка. Потоа премачкајте го со малку масло и покријте го со фолија да одмори и да се опушти околу 10 минути.
На крајот не додавајте брашно, само обликувајте го долгнавеста форма. Ако користите правоаголен калап, лебот обликувајте го како колбас и краевите притиснете ги да се залепат убаво и ставете го во премачкан калап со масло, путер или маст по желба.
Вака обликуваниот леб покријте го со крпа и оставете го на нарасне убаво и да се зголеми двојно и повеќе во волумен пред печење. Потребно време за финално нараснување е од 30 минути до 45 минути. Рерната загрејте ја на 170 степени и пред печење врз лебот просејте малку брашно.
Печете 30 минути, после печењето извадете го од калап и покријте го со крпа.
Од брашно до леб потребно време со едно обликување и две стасувања на тестото е околу 2 часа.
Уживајте во вкусот. Имајте добар апетит.