Directions
Афионот или познат како мак, е вистински еликсир за здравјето освен што има многу богат вкус има и многу придобивки.
Афионското семе содржи вистинско богатство од минерали, или поточно над 30 минерали, а од најзастапените се магнезиум, цинк, железо, бакар, јод и други.
Ензимите пак кои ги има во својот состав го помагаат варењето на храната, а линолната и олеинската киселина помагаат за намалување на холестеролот во крвта.
Може да ви помогне против болки и да ја подобри функцијата на срцето, циркулацијата во телото и да ви помогне при воспалителни процеси во организмот.
Ова се само накратко дел од придобивките кои може да ги имате од афионското семе ако почесто е застапен во вашата исхрана.
Ви предлагам да подготвите старински колач на многу брз и едноставен начин од неколку состојки кои сите ги имаме во кујна. Колачот има мека структура, внатрешноста е крцкава од афионското семе, и е одличен прилог со чај или кафе. Може да го послужите со мармалад или џем од модри сливи, бидејќи овие два вкуса одлично се надополнуваат, и едно парче да ви биде вистинско уживање.
Состојки
2 јајца (големи)
1 шоља млеко
1 шоља афионско семе
2 шољи сенаменско брашно
1 шоља масло
1 шоља шеќер во зрно
10 грама пециво
10 грама ванилин шеќер/или ванила екстракт
рендана кора од 1 лимон
Мерка за шоља е 250 мл
Подготовка
Подгответе го калапот за печење, премачкате го со масло и набрашнете го. Може да користите калап со форма по избор.
Во сад додадете ги јајцата, шеќерот, ванила шеќерот и матете додека шеќерот се растопи и додека добиете убава густина.
Потоа додавајте го млекото постепено додека мешате, па маслото. Во брашното додадете го пецивото измешајте да се изедначат, потоа додадете го афионското семе во нив, измешајте и додадете ги во садот со течните состојки. На крајот изрендајте кора од еден лимон и додадете ја во подготвената смеса. Убаво измешајте да имате убаво и еднакво тесто. Смесата префрлете ја во тавата за печење.
Печете во загреана рерна на 190 степени, околу 20-25 минути. Проверете со чепкалка дали е убаво испечена внатрешноста, ако ви се лепи тесто на чепкалката печете ја уште десетина минути. Откако ќе се испече, покријте ја торатата со крпа и оставете ја неколку минути пред да ја извадите од калап. Ако имате распукан дел пресечете го со нож за да биде рамна и долниот дел свртете го да биде горен дел. Откако ќе се олади поросете ја со прав шеќер. Исечете на парчиња, украсете со едно ливче нане и послужете со мармалад или џем од модри сливи. Колачот е вкусен сам по себе, па дури и да го послужите само со прав шеќер со чај ќе биде вистинско задоволство.
Имајте добар апетит! Уживајте во утрото со една шоља чај и едно вкусно парче кое може да биде и појадок!