Directions
Крцкава порција пржен лосос во комбинација со италијанска црна паста(De Negro), порција како од рeсторан подготвена дома за 10 минути, здрав и хранлив оброк богат со протеини одличен за ручек или вечера.
Црна италијанска паста де негро може да побарате во маркетите и убави парчиња свеж лосос може да одберете во рибарница. Како да подготвите крцкава кожа на парчињата лосос следете подолу во подготовката.
Состојки за 2 порции
2 парчиња лосос
паста де негро
2 лажици маслиново масло
1 лажица путер
1/4 главица кромид
2 лажици пармезан
2 лукчиња
свежо чили
црн бибер
копар
1 лимон
Подготовка
Во тава со маслиново масло подгответе ги лосос парчињата. Лососот убаво исчистете го од крлушки ако не е исчистен, измијте го и со кујнска хартија од двете страни впијте ја водата. Потребно е парчињата да бидат колку може посуви. Потоа од двете страни поросете морска сол и црн бибер. На силен оган ставете да се пржи лососот прво од страната со кожата. Доволно е 2 до 4 минути, зависно од дебелината на парчето. Ако пржите во бакарна тава парчето е готово за пократко време. Морската сол се додава по површината на лососот за да не се лепи на тавата. Бидете внимателни, парчето треба да мирува додека се пржи за да не ви се крши, ако е залепено оставетео го да се испржи убаво, парчето само ќе се одлепи од тавата откако убаво ќе се испржи и ќе добие потемен дел по површината. Доволно е еднаш да го проверите од долниот дел дали е спремно за вртење.
Пржењето зависи од дебелината на парчето, за потенко парче ви е потребно пократко време. Откако ќе ја испржите едната страна свртете го од другата страна и пржете го пократко време од првата страна. Секое парче во средината треба да остане сочно, а однадвор да биде крцкаво. Вака подготвените парчиња оставете ги во чинија за сервирање и подгответе ја пастата.
Ставете вода со малку морска сол и откако ќе зоврие во неа додадете ги шпагетите да се варат. Де негро пастата е подготвена од дурум брашно и масло од сипа и важно е да не ја преварите, туку да ја спремите ал денте. После 2 минути вриење, проверете ја, доволно е малку да е омекната, да се свиткува, и тогаш тргнете ја од оган. Имајте на ум дека дополнително ќе се вари во тавата и на крајот ќе биде одлична.
Во истата тава каде се пржеше лососот додадете го путерот и додадете ситно исецкан кромид, пржете на средна температура. Откако ќе стане проѕирен додадете ситно исецкано лукче и кратко пржете. Потоа додадете ги варените шпагети со малку вода во која се вареа и гответе додека да испари водата, најмногу 2 минути. На крајот додадете две лажици пармезан, измешајте, поросете со црн бибер и исецкајте парчиња свежо чили за пикантен вкус по желба.
Сервирајте со парче лимон и малку свеж копар.
За дополнителен вкус на лососот може да подготвите прелив од истолчено лукче, свеж копар, малку сок од лимон и маслиново масло.
Прелијте од сосот врз парчето лосос и уживајте во вкусен ручек или вечера!
Имајте добар апетит!