Directions
Вкусни и крцкави мантии, залачиња кои се топат во уста, со фил од мелено месо кои одлично се надополнуваат со кисело млеко и освежителен вкус од сецкан свеж магдонос и нане.
Домашната подготовка на корите може да биде брза и лесна, притоа со редење една врз друга ќе ви биде потребно помалку време од вообичаено. Доколку филот го распоредите на краевите лесно и брзо ќе ја свиткате во една долга кора која ќе ја исецкате на мали парчиња во големина која ви одговара. Подготовката на корите со филот нема да ви одземе повеќе од дваесетина минути а со брзото печење ќе можете да ја дегустирате и уживате за краток период.
Во продолжение следете ги деталите и подготовката на оваа прекрасна пита која ќе направи домот да ви мириса на топлина и љубов.
Состојки за Кори за Пита
530 грама брашно
300 мл вода (студено- млака)
1 л. сол
2 л. масло
Состојки за фил со мелено телешко месо или свинско по избор
500 грама мелено месо
1 мала главица кромид
1 јајце
25 грама лебни трошки
50 грама млеко
1 лажичка сол
црн бибер по вкус
Измешајте ги сите состојки убаво додека да се изедначат и оставете ги отстојат додека ги подготвите корите.
Подготовка на корите
Се замесува тесто од брашното, водата, зејтинот и солта. Водата не треба да биде топла, туку млака околу 30 степени. Месете го тестото петнаесет минути додека се впие целото брашно и се одлепи од садот, притоа со месење ќе добие мазна структура. Премачкајте го тестото со масло и оставете го во премачкан сад да одмори покриено со фолија најмалку еден час на собна температура. Тестото може да го приготвите и замесите еден ден претходно, навечер и да го оставите во фрижидер, така ќе биде уште помеко и убаво наредниот ден.
После еден час поделете го тестото на 5 дела и од секој дел на набрашнета површина обликувајте по едно тесто во форма на топка. Поросете ги тестата со брашно и оставете ги да одморат десет минути.
Потоа со сукало на набрашнета површина расукајте ги во дијаметар од 20 до 30 цм. Врз секоја расукана мала кора премачкајте масло и од двете страни. Во маслото кога ги премачкувате корите може да додадете и растопен путер. Секоја кора премачкајте ја убаво од двете страни, и по краевите, важно е убаво и целосно да ги премачкате за да не ви пукаат подоцна при тегнење. Вака премачкани наредете ги една врз друга, и оставите ги покриени со фолија десет минути.
Тегнењето иако изгледа како тежок процес, секоја домакинка може да си најде свој лесен начин и со мали движења на развлекување од внатре кон надвор да добиете убава и тенка кора која нема да пука.
Секоја кора откако ќе ја развлечете редете ги една врз друга, притоа врз секоја поединечно попрскајте со малку масло.
Откако ќе ги наредите сите кори повторно растегнете ги најтенко што можете и на неколку сантиметри од краевите наредете го филот убаво. Потоа завиткајте ги краевите така што ќе го прекриете филот и започнете да ги виткате кон внатрешноста. Виткајте ја кората однадвор-навнатре со постојано тегнење и на крајот пресечете го средишниот дел и завиткајте, со што ќе добиете долга салама од кори.
Добиената кора брзо се обликува и можете да ја сечете на мали парчиња мантии во големина која сакате. Премачкајте ја тавата со масло и започнете да ги редите мантиите една до друга. При сечење може да ги затворите од двете страни, или може да ги оставите отворени од горната страна за да се гледа филот, како милувате така, изборот е ваш.
Печете ги на 220 степени петнаесетина минути, на крајот намалете ја температурата.
Сервирајте ги со кисело млеко и сецкан магдонос и нане.
Може да ги замрзнете и чувате многу денови, доволно е кратко да ги затоплите пред дегустација а вкусот и крцкавоста да ги почувствувате исто како кога се свежи.
Имајте добар апетит! На здравје !