Directions
Еден од моите омилени оброци кој често го подготвуваше мајка ми од компир и пилешко во нашиот дом, многу често до денес знам да ја подготвувам периодично, особено во врнежливи и ладни денови и кога ми е потребна лесна и течна храна.
Подготовката може да биде без запршка само со пасирање на дел од варените компири, но најчесто подготвувам запршка бидејќи сум љубител на црвена пиперка, а притоа во неа додавам не повеќе од една лажица брашно. Црвената пиперка еден од најздравите зачини со големи бенефити кои ги има во чистење на крвните садови, само еден податок од последните испитувања е дека таа помага за спречување на срцеви удари и особено ја подобрува циркулацијата на крвта.
За подготовка на овој вкусен и лесен оброк може да користите месо по избор, копан со надкопан, пилешки гради или цело варено пиле кое ќе го исцепкате со вилушка на мали парчиња откако ќе се свари.
Подготовка и состојки
2 парчиња пилешки гради
3 компири средна големина
2-3 моркови
1 главица кромид
1 лукче или лук во прав
сецкан целер по вкус
3 лажици кечап или пола шоља доматен сос(100 грама)
сол по вкус
Зачини и билки по вкус (магдонос, мускатно оревче, чили снегулки, црвена пиперка, нане, ловоров лист, кари, куркума, црн бибер)
Подготовка
Сварете го убаво пилешкото месо во зависност од тоа кој дел ќе го користите, најмалку половина час доколку користите цело пиле, или петнасест минути за пилешки гради, а водата во која се вари зачувајте ја за да ја додадете на крајот како замена за кокошкина супа.
Со вилушка исцепкајте го месото на помали парчиња, а зеленчукот исецкајте го на коцки.
Во тава додадете масло и убаво на тивок оган испржете го кромидот да омекне, потоа во него додадете го пилешкото на парчиња и пржете го неколку минути на среден оган. Додадете ги исецканите моркови, целерот, компирот и зачини по вкус и пржете уште неколку минути. На крајот додадете го доматниот сос со две-три ливчиња ловоров лист и прелијте со водата во која се вареше пилешкото. По потреба додадете вода дополнително.
Оставете ја да се вари најмалку 15 минути.
На крајот испасирајте еден дел од компирите од чорбата и пак додадете ги да се варат уште извесен период. Додека се вари чорбата, во тава додадете малку масло на тивок оган и една лажица брашно, мешајте кратко, да не ви потемнува брашното, потоа додадете две лажици црвена пиперка и за кратко тргнете од оган. Во тавата додадете течност од чорбата, измешајте убаво да се растопи целото брашно за поубава густина и да немате грутчиња. Најчесто запршката се избегнува заради тегоби во желудникот, но ако не го прегревате маслото, брашното и црвената пиперка тогаш ќе добиете само побогат вкус.
Сервирајте во чинија и поросете со чили снегулки и свеж магдонос.
Имајте добар апетит !
На здравје!