Directions
Козињак бриош леб мек како памук, со кончеста структура одвнатре кога се кине, прекрасна арома на махлеб и сладок вкус на суво грозје и брусница.
По испробани многу рецепти овој рецепт на мајка ми е еден од најуспешните рецепти кој секогаш се погодува, со две стасувања од половина час до 45 минути пред печење.
Идеален за Божиќната трпеза, кој може да го прилагодите и припремите во три разновидни лепчиња. Тестото може да го обликувате во две, три, четири или шест плетенки во зависност од волументот на лебот кој сакате да го постигнете.
Сите детали следете ги подолу.
Потребни состојки :
1 кг брашно
500 мл млеко
3 јајца
7 грама сув квасец (едно пакување)
5 грама сол ( 1 лажица)
50 мл масло (сончогледово)
75 грама шеќер/85 грама мед (5 големи лажици шеќер)
2 лажици мелен Махлеб
100 грама микс од суво грозје и брусница
Подготовка
Во сад додадете 100 мл млако млеко, една лажица шеќер и сувиот квасец. Оставете го десет минути да се активира квасецот и да создаде меури.
Потоа во садот додадете ги останатите состојки освен брашното, или 400 мл млако млеко, три јајца, сол, шеќер или (по избор шеќерот може да го замените со мед), маслото, махлебот како зачин за убава арома доколку имате или може да додадете ванила екстракт како замена ако немате.
Махчебот е арапски, турски зачин кој може да го најдете на пазарите за зачини кај нас. Се добива со мелење на семката на црешата наречена Свети Луси и е одличен како додаток во десерти, а на овој бриош леб му дава прекраснa арома.
Подготовката на тестото може да ја правите со миксер или да го замесите тестото со раце, изборот е ваш. Брашното се додава постепено, не наеднаш и тестото треба да се замеси убаво до мазно тесто.
Ако го месите со миксер доволни се околу 10 минути или додека тестото се одлепи од ѕидовите на садот, или со месење со раце ви е потребно 10 до 15 минути.
Откако ќе се замеси тестото се става во премачкан сад со масло и се покрива со фолија да стаса двојно. На топла собна температура е потребно од 30 до 45 минути во зависност од температурата. После првото стасување на работна маса премачкана со масло размесете го тестото кратко, доволно е да го сврттите кратко неколку пати и пак да го вратите во садот да стаса по втор пат.
По второто стасување поделете го тестото на два дела. На овој начин може да подготвите две плетенки од 4 и 6 дела, или по две со 3 плетенки и една од 4.
Во секоја плетенка при обликувањето на еден од краевите распоредете микс од суво грозје и брсусница и затворете ја плетенката. Тоа ќе и даде убав вкус и при пресек на лебот дополнителен убав изглед.
Може да го поделите и на три дела и да го обликувате по желба и во вртен леб бидејќи брзо нараснува како лиснато тесто.
Откако ќе го обликувате веднаш префрлете ги во тава покриена со хартија за печење и оставете ги да нараснат убаво од половина час до еден час.
Пред печење премачкајте ги со жолчка од јајце изматена со една лажичка млеко.
Печете на 180 степени во загреана рерна од 20 до 30 минути.
Прекрасен како појадок со путер, чајче или малку џем, мармалад или мед.
Имајте добар апетит.
На здравје !
Доколку ви се допадне споделете и лајкнете!