Directions
Супер здравата Киноа е без глутен и богата е со протеини, цинк, влакна, антиоксиданси, богата е со витамини и минерали, едноставно изобилува со многу бенефити за вашето здравје. Одлична е да ја вклучите во вашата здрава диета, бидејќи од неа може да подготвувате слатки и солени оброци. Се подготвува за 15 минути притоа можете да ја сварите и да ја чувате во фрижидер и да ја имате при рака за кога ќе ви затреба како брз оброк или оброк за носење на работа или училиште.
Постојат неколку сорти на киноа и може да ја најдете во бела боја, црвена, црна или како микс од сите три. Доколку не сте ја користеле киноата ви препорачувам да започнете со бела киноа бидејќи има полесен вкус. Она што треба да го знаете за киноата е дека содржи сапонини, танини и фитинска киселина и затоа е потребно убаво да ја измиете пред да ја конзумирате, бидејќи во спротивно може да имате тегоби во желудникот, и притоа да ја намали апсорцијата на магнезиум и железо.
Постојат повеќе начини за подготовка на киноата со различни соодноси, но главно се подготвува од киноа и вода.
Подготовка која мене ми дава секогаш добар резултат и најдобар сооднос за убаво зрно без да стане кашесто е секогаш 1:2.
Состојки
1 шоља киноа
2 шољи вода
1л масло
прстофат сол
Миењето на киноата потребно е да биде во ладна вода и да ја измиете во повеќе води додека водата да се избистри целосно. Вака измиената киноа е спремна за подготовка.
Во тенџере на оган додајте една лажица масло и додадете ја исцедената киноа, мешајте додека да испари целата течност. Продолжете да ја мешате додека да слушнете пукање на зрната, околу половина минута. Потоа прелијте ја киноата со вода и додадете прстофат сол. Оставете ја на силен оган да зоврие и намалете ја температурата на средна умерена температура. Варете ја киноата пет минути покриена. Исклучете го шпоретот и оставете ја киноата покриена да стои 10 до 15 минути. На овој начин ќе ја впие целата течност а зрното ќе остане цело и нема да имате кашеста структура.
Чувајте ја во фрижидер и користете ја за подготовка на разни оброци.
Ви предлагам брза подготовка на лесна салата од киноа со рукола, домати и сирење по избор. Линкот може да го најдете на страната.
Имајте добар апетит!