Directions
Ако сте љубители на Мексиканската кујна, домашно приготвениот НАЧОС дефинитивно треба да го испробате.
Се подготвува од два типа на брашно, пченкарно и сенаменско брашно во кои се додава малку сол, масло и вода. Од една доза ќе наполните еден поголем сад кој ќе биде доволен за неколкумина.
Освен овој вкусен и крцкав чипс во продолжение ви споделувам како да подготвите и вкусна салса од домати и замрзната пченка со малку црвено кромидче. А за да бидат комплетни може да ги прелиете и со сос од сирење, а мојот предлог е сосот да го подготвите од млеко и чедар сирење.
Потребно време за подготовка е околу половина час, додека малку да одмори тестото може да ја подготвите салсата, а сосот најдобро е да го подготвите на крајот.
Започнете со подготовка на НАЧОС
Состојки
150 грама пченкарно брашно
75 грама сенаменско брашно
1 л сол
1 л масло
120 грама топла вода
1л куркума
Просејте го брашното и во него додадете ја солта и куркумата, измешајте и додадете ја топлата вода и маслото. Измешајте ги состојките и замесете тесто. Во зависност од брашното кое ќе го користите ако има потреба додадете уште една до две лажици вода. Оставете го тестото да одмори 15 минути на собна температура.
Потоа поделете го на 4 делови, поросете од двете страни со брашно и расукајте го тенко скоро на 1 милиметар. Исечете ги со нож во форма на триаголници, а од краевите кои ви останале повторно направете тесто со навлажнети раце. Додека го сукате тестото поросувајте го со брашно од двете страни за да не ви се лепи на работната маса бидејќи е нежно и кршливо. Исечените триаголници распоредете ги единечно за да не ви се лепат едно со друго пред да ги испржите.
Во загреана тава на средна температура додавајте ги едно по едно и после неколку секунди превртете ги од другата страна, доволни се три превртувања и да ги извадите во сад со хартија за да се впие вишокот масло. На крајот додадете зачини по вкус и измешајте.
САЛСА ОД ПЧЕНКА
Состојки
2 домати
1/2 чили црвено
1/2 зелена чили (или обична потенка пиперка)
2 лажици црвен кромид
3 лажици пченка (замрзната)
лимонов сок
магдонос
Исецкајте ги на коцки доматите и кромидот, чили пиперчињата на тенки резанки, додадете ја пченката и сецканиот магдонос, исцетете лимонов сок од половина лимон по вкус и измешајте ги сите состојки. Оваа салса има освежителен вкус и убаво се надополнува со начосот.
СОС ОД ЧЕДАР СИРЕЊЕ
100 мл млеко
150-200 грама чедар сирење (рендано)
1 лажица путер
прстофат куркума
Овој сос од сирење се подготвува за неколку минути и најдобро е да го подготвите на крајот пред да сервирате.
Има кремава структура, и убава жолтеникава боја од куркумата.
Измешајте ги сите состојки и ставете ги во тава на средна умерена температура. Мешајте постојано, внимавајте температурата да не е многу висока за да не ви подзагори млекот и да да се промени мирисот. После 3 до 4 минути мешање сосот ќе почне да се згуснува, а сирењето целосно ќе се растопи. Доволни се околу пет минути овој сос да биде готов. Иако ви изгледа течен откако ќе го тргнете од оган дополнително ќе згусне. Ако сакате мазен сос може преку цедалка да го изцедите на крајот.
При сервирање најпрвин наредете го НАЧОСОТ, потоа прелијте со сосот од сирење и на крајот распоредете ја салсата од пченка.
Сите вкусови убаво се надополнуваат како една целина, но можете да дегустирате начос само со салса или само со сос од сирење.
Доколку ги подготвите, верувам дека ќе ви се допаднат, на вас и вашите најмили!
Имајте добар апетит !
На здраје !