Directions
Крем Ролни од домашно приготвен ванила крем, покриени со парче портокал, декорирани со бадемови ливчиња.
Овие вкусни и миризливи ролни може да ги подготвите од едноставни состојки дома кои нема да ве чинат многу, а ќе изгледаат уникатно и примамливо.
Доволно е да ги премачкате со малку растопен путер кога ќе ги извадите од рерна и да ги дегустирате топли. Едноставно се топат во уста, а верувам дека една доза нема да ви биде доволна.
Тестото се стасува еднаш за да нарасне и пред печење за да добијат убав волумен.
Може да ги чувате во фрижидер повеќе денови и да ги послужите како закуска, појадок или слично.
Потребни состојки за ролните
200 грама брашно
130 грама млеко(топло)
4 грама сув квасец
3 лажици мед/2 лажици шеќер
35 грама путер (собна температура)
1/2 лажиче сол
Подготовка
Во топлото млеко додадете го квасецот и засладувачот, по избор може да користите мед или шеќер. Измешајте ги состојките убаво да се растопи медот/шеќерот и веднаш додадете го брашното со сол. Измесете го тестото кратко додека се впие целото брашно и додадете го омекнатиот путер (на собна температура). Месете го тестото пет до десет минути додека убаво се изедначат состојките и да добие мазна структура. Премачкајте го со масло и оставете го да стаса покриено со фолија. Доволно е двојно да стаса и да го обликувате во ролни.
Состојки за Ванила Кремот
3 жолчки (55 грама)
250 грама млеко
25 грама нишесте ( една полна голема лажица)
3 лажици шеќер
2 лажици ванила екстракт
Додека стасува тестото може да го подготвите кремот и да го оставите убаво да се излади.
Изматете ги жолчките со млекото и нишестето, додадете го шеќерот и ванилата и мешајте додека да се растопи, па потоа ставете го на тивок оган. Повремено мешајте додека да се згусне. За да немате грутки во филот убаво мешајте на крајот и тргнете го од оган. Филот покријте го со фолија и оставете да се излади.
Исецкајте 5 тенки парчиња портокал и отстранете ја кората.
Откако тестото ќе нарасне двојно размесете го кратко и со сукало расукајте го тенко неколку милиметри. Со чаша исечете 5 парчиња од тестото со дијаметар 6-7 сантиметри и ставете во тава за печење. Најдобро е да користите хартија за печење во тавата и врз неа да ги ставите овие парчиња кои ќе бидат подлога за ролните. Остатокот од тестото поделете го на 5 парчиња и од секое со раце расукајте врвка со должина околу 40 сантиметри.
На извадените подлоги во средина нанесете од филот. Филот потребно е убаво да се излади, за да имате мазен фил, може да го изматите со миксер на крајот. Ставете го во пластичен калап за фил и на секое парче нанесете од филот одалечено по еден сантиметар од краевите а повеќе во висина. Околу филот во круг нанесете ги расуканите теста во форма на врвка и средишниот дел оставете го отворен. Со остатокот од филот убаво дополнете ги до самиот врв ролните и на крајот покријте ги со парче портокал.
Оставете ги убаво да нараснат, скоро двојно и пред печење премачкајте ги со изматено јајце со млеко. Поросете ги со бадемови ливчиња и афионско семе и оставете ги да се печат во загреана рерна.
Печете на 170 степени 15 минути, или додека добијат убава златна боја.
Кога ќе ги извадите од рерна премачкајте ги со растопен путер и дегустирајте додека се топли.
Може да ги чувате во фрижидер како закуска или појадок.
Ви посакувам добар апетит.