Directions
Ако сакате да испробувате нови вкусови и начини на подготовка тогаш може да ја испробате оваа мека и вкусна вертикална ролат-торта со ленти од пандишпанот во дебелина од 5 цм.
Бел вкусен фил со збогатен вкус на крем сирење и хопла кој лесно ќе ги залепи парчињата и лесно и брзо ќе ја обликувате тората без да ви одземе многу време.
На крајот е декорирана со ѓумбир во прав, кој нема да го чувствувате заради блажината на тортата, но ќе ви даде уникатен вкус надополнет со крцкавоста на бадемовите ливчиња. Бадемовите ливчиња се идеални за десерти бидејќи преубаво изгледаат декоративно но и заради меката крцкавост со која дополнително ги збогатуваат вкусовите на десерти и торти кога ги додавате.
Може да ги најдете во продавници за здрава храна и јаткасти плодови.
Состојки за пандишпан :
5 јајца
90 грама брашно (може и брашно за колачи)
120 грама шеќер
50 мл масло (сончогледово или семка од грозје)
4 грама прашок за пециво
1 лажица ванила екстракт
прстофат сол
Состојки за фил :
200 грама крем сирење
50 мл хопла
100 грама путер
5 лажици шеќер во прав
За Декорација
50 грама бадемови ливчиња
ѓумбир во прав
Подготовка на пандишпан
Започнете со подготовка на јајцата, посебно се матат жолчките, посебно белките. Во сад додадете 5 жолчки и 50 грама шеќер во зрно. Матете со рачен миксер додека смесата да стане погуста и да се зголеми волуменот, матете околу 5 минути.
Белките изматете ги во друг сад со миксер и додајте им 70 грама шеќер во зрно постепено, не наеднаш. Најдобро е шеќерот да го додаете на три пати, на секои две минути по една третина за да добиете совршена меренге структура. По првото додавање матете со миксер две минути и повторете го со второ и трето додавање шеќер или 6 минути матење вкупно.
Потоа соединете ги двете текстури, со додавање на смесата од жолчки во смесата од белки. Со шпатула измешајтеги за да немате бели траги од белките.
Измешајте го брашното со пецивото и прстофат сол па потоа додадете во садот со јајцаи измешајте до мазна смеса. На крајот во маслото од 50 мл додајте четири лажици од смесата со брашно и јајца и изматете да се изедначи, и оваа путереста смеса вратете ја во смесата за торта.
Измешајте ги уште еднаш сите состојки и префрлете ја во правоаголна тава за печење покриена со хартија за печење. Убаво измазнете рамномерно за да имате еднаква дебелина на пандишпанот на крај и печете во загреана рерна на 160 степени 20 минути. Внимавајте да не го препекувате пандишпанот за да остане мек.
Подготовка на Фил
Изматете ја хоплата со рачен миксер и во неа додадете го крем сирењето. Откако ќе изматите да се изедначат додадете го путерот на собна температура и шеќерот во прав. Матете со миксер додека да добиете мазен фил со изедначени состојки.
Откако ќе се испече пандишпанот веднаш отстранете ја хартијата за печење и исечете го на ленти со дебелина од 5 сантиметри. Секоја лента тенко премачкајте ја со филот. На чинија за сервирање свиткајте една лента во мал ролат и поставете ја на средина. Околу неа во продолжение виткајте ги останатаите ленти. Лесно се залепуваат и роловаат заради филот и мекоста на тестото.
На крајот нанесете од филот на површината на тортата и измазнете. Поросете со ѓумбир во прав врз филот и поросете со бадемови ливчиња и трошки од пандишпанот.
Лесна, вкусна и мека торта која верувам ќе ви се допадне.
Може да ја приготвите за Божиќна трпеза, за некоја роденденска пригода или слично.
Добар апетит !