Домашни рецепти, направени со љубов 👩🍳🇲🇰
Рецепти од Три Генерации – мојата баба, мајка ми и мои рецепти!
Главната цел на оваа страна е да го споделам моето искуство од кујната, вкусовите, оброците кои се дел од моето живеење и со драго срце кога сум во можност да ги преточам истите во писмена форма за сите вас, љубители на домашната храна доколку одлучите да ги испробате.
Работата и готвењето повеќето би рекле дека не одат заедно, но јас сум доказ дека кога нешто не исполнува и релаксира, дека можеме да најдеме време, пред се бидејќи со вниманието и љубовта кон здравата храна и оброци си даваме внимание и почит на нашето здравје и битие. Домашната храна е пред се свежа храна во која сами одбираме состојки и ги комбинираме по наш вкус.
Десет години работа како агент за недвижнини, со толку малку слободно време, постојано движење надвор и голем притисок од работата, никогаш не биле пречка за мене да готвам, туку напротив се мотив за подобра организација секогаш да си подготовам здрав оброк.
За мене појадокот е најважен оброк и без него моите обврски не започнуваат. Со текот на годините се научив да одвојам барем два часа во текот на денот и да се посветам на подготовката на квалитетен ручек а со тоа си давам можност да се релаксирам и да ги отргнам мислите од случувањата, нешто како медитација во текот на денот.
Пораснав со традиционалното готвење и во мојата фамилија многу генерации претходно е својствено секоја жена да треба да научи да готви и да се грижи семејството да биде здраво.
Палењето на фурната со дрва и припремите за печење на леб за целата фамилија за претстојната недела, се моменти кои ќе бидат врежани во мојата меморија од детството до денес. Љубовта за домашна храна ми ја вроди баба ми, и при една посета за време на летниот распуст потекнува моето прво искуство.
Тој летен топол ден наполни две тави со печени пиперки и домати за да ја искористи топлината од фурната на крајот после печење на лебот. Соковите во тавите, доматите кои се лупеа со еден допир, совршениот мирис на органска храна ме измотивираа да ги направам првите две салати на возраст од десет години. Уживањето и среќата беа неописливи ☺️
и веднаш со првото враќање дома побарав од мојата мајка да направам две салати и истите ги спремив. Поддршката и охрабрувањето беа доволни за да се надградам и подобрам во кујната низ годините.
Готвењето со љубов ја прави храната вкусна, така се грижите за себе и за вашите најблиски.
Ви посакувам да уживате низ вкусовите во моите рецепти и искуства на страната!
Имајте добар апетит и ви посакувам здравје да ве следи !